Скопје се исчисти, ама не и навиките – ќе светне ли и совеста?!

По тридневната акција што уште во предизборната кампања ја најави сега веќе новиот градоначалник на градот, Орце Ѓорѓиевски, Скопје доби видливо почист облик. Централните улици, кејот на Вардар и плоштадот „Македонија“ се средени и уредни. Сепак, дел од граѓаните повторно се покажаа со старите навики, оставајќи ѓубре и кабаст отпад до штотуку испразнетите контејнери. Акцијата што започна симболично веднаш по преземањето на функцијата завршува со порака – Скопје може да биде чисто, но само ако сите заедно го чуваме. Градоначалникот најавува дека „генералка“ има на јавните површини, но и во јавните претпријатија, чија работа ќе биде темелно ревидирана 

577

По тридневна акција што започна веднаш по примопредавањето на функцијата, новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја заокружи својата прва ветена мисија – темелно чистење на главниот град во рок од 72 часа. Вечерва истече рокот што самиот си го зададе уште во предизборната кампања, а Скопје денес изгледа видливо поуредено, со исчистен кеј, испразнети контејнери и со средени јавни површини.

Од првиот момент по добивањето на уверението за функцијата, Ѓорѓиевски ја активираше целата расположлива механизација на Град Скопје. Со заеднички сили на „Комунална хигиена“ и „Улици и патишта“, изминатите три дена се чистеше коритото и косините на реката Вардар, се отстрануваше кабаст отпад, пластика и земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а редовно се празнеа и контејнерите низ сите општини.

Скопје и граѓаните конечно здивнаа. Вардар повторно тече низ почисто корито, централните улици добија уреден лик, а плоштадот „Македонија“ повторно ја врати својата препознатлива белина.

– Нашето убаво Скопје! Чисто и достоинствено!, напиша градоначалникот Ѓорѓиевски на својот официјален фејсбук-профил и објави нови фотографии од акцијата за чистење на централното подрачје на главниот град, плоштадот „Македонија“ и кејот на реката Вардар.

Но, иако градот доби нов сјај, старите навики повторно се вратија на сцена. На неколку локации низ централното градско подрачје, граѓаните повторно ги „украсија“ штотуку исчистените контејнери со смет, а на некои места беа оставени и кабасти предмети – меѓу кои и стари душеци. Фотоапаратот на весникот ВЕЧЕР ја забележа оваа сцена на една улица во централното градско подрачје, потсетувајќи дека хигиената на градот не зависи само од институциите, туку и од секој поединец.

Градот се олесни од наталоженото ѓубре, но натаму хигиената зависи најмногу од граѓаните. Акцијата што започна симболично веднаш по преземањето на функцијата завршува со порака – Скопје може да биде чисто, но само ако сите заедно го чуваме.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски порача дека оваа „генералка“ нема да биде само 72-часовна акција, туку со чистењето ќе се продолжи и натаму.

Во текот на овие три дена се чистеше и површинскиот слој на поранешната депонија „Вардариште“, која досега многупати беше извор на загадување и на загрозување на граѓаните, најмногу од Гази Баба и од Аеродром.

Исчистена беше и големата дива депонија на влезот на населбата Кучевишка Бара во Општина Бутел, како и други диви депонии кои беа најавени.

Покрај чистењето на јавните површини и дивите депонии, Ѓорѓиевски најави и темелно „чистење“ на градските јавни претпријатија кои се одговорни за јавната хигиена, превозот, улиците, водовод… Градоначалникот информира дека од работа од јавните претпријатија се отстранети вкупно 398 лица, кои или не оделе на работа или, пак, вршеле злоупотреба на своето работно место, а сето тоа го плаќале граѓаните.

Тој не кажа од кои градски јавни претпријатија се отпуштени работниците, но според неофицијални информации, многумина биле на платен список на „Комунална хигиена“. Ѓорѓиевски откри и дека добил информации дека таму биле правени и други злоупотреби, како на пример, дека биле ангажирани возила за чистење во „Комунална хигиена“ кои биле плаќани на име на физички лица и на име на интелектуални услуги, во износ од 5 до 10 илјади евра. (В. С. Н.)

 

ИЗДВОЕНИ