Кога легендарниот Драган Мијалковски ја запеа со публиката онаа: „Кажи ми, кажи… дал постои друг во животот твоj, а ти плачеш и гориш за разделба збориш, заминуваш ти, ме оставаш мене за друг да те земе…“, ечеше целото плато пред Млечен ресторан
Прекрасна музичка вечер со прекрасни македонски евергрини се случи вчеравечер, во Скопје, на платото кај Млечен ресторан, а во рамките на „Карпошово културно лето“.
На крајот од летото, традиционално, се пее и се весели, со песна се испраќа најтоплиот дел од година, секогаш со грижливо избрана програма. И со водителката Ирена Спировска, која стана заштитен знак кога се ваквите музички настани во прашање. Така и овој пат: евергрин до евергрин, пејачко-музичка легенда до легенда. Дури и од народната музика. Виртуозот на хармоника, Мишел Трајковски, направи мини концерт со оркестарот, за кој долго ќе се зборува.
А, потоа и легендарната Смиља Митревска, која настапи пред своите колеги од забавната музика. Моќна како и секогаш во своето пеење, таа никого не остави рамнодушен. Ракоплескањето што ѝ беше упатено, долго траеше, за испеаното.
Дојдоа и оние долгоочекуваните настапи на легендите: Зорица Поп-Панкова, Сашо Гигов-Гиш, Илија Џон-Апелгрин, Тања Тас и на некој што сè уште најмногу од сите го привлекува вниманието, омилениот Драган Мијалковски.
Зорица одамна ја немаме слушнато во едно вакво топ-издание. Кога ја видовме по подолга пауза, се прашавме дали сонувавме или е вистина дека на времето (и со групата „Македонија“) имавме ваква пејачка величина. А, тоа е жива вистина. Сè уште со моќен глас, дури и подмладена со тоа во што беше облечена, таа нè потсети на евергрините „Каде си“, „Свири ми, свири“… но и на еден што го испеа во дует со својата помлада колешка, Ана Петановска.
Токму таа, Ана, е релативно ново име, откритие и освежување на македонската естрада. Мошне е талентирана за пеење. Од почетокот на оваа година, на голем број фестивали дома и во странство освои многу награди. Тие се потврда за нејзиното одлично пеење. Сега се очекува да освои награда и на наредниот настап на „Охрид-фест 2025“ (во сабота, на 30.8.), кога ќе пее во дует со славниот Дадо Топиќ. Стискаме палци!Пауза во настапите имаше и Сашо Гигов-Гиш. Со настапот на овој концерт како да сакаше да ни порача, еве ме, тука сум, не се давам! И не треба, Гигов, да те заборави публиката. Пееш растураш! Сега си и освежен и подмладен за 20 години откако, конечно, реши да ја избричиш брадата. Остана уште и косата сосем да ја скратиш. Тоа е наша најдобронамерна препорака, а ти како сакаш.
Јаготката на тортата дојде со настапот на Драган Мијалковски. Сè уште е љубимец, пред сè, на жените, кои, во текот на неговото пеење, се стискаа пред бината. Драган сите нè потсети на евергрините, пеејќи ги во живо „Скопје, радост моја“, „Јави се на 223-305“, народниот од „Фолк-фест Валандово“ – „Дојди ми, Лено, на перниче бело“. Кога ја запеа со публиката и онаа: „Кажи ми, кажи… дал постои друг во животот твоj, а ти плачеш и гориш за разделба збориш, заминуваш ти, ме оставаш мене за друг да те земе…“, ечеше целото плато пред Млечен.
Штета е што немаше масовно присуство. Луѓето или се сè уште на летен одмор, или не се толку многу заинтересирани, или…. се собираат (и покрај скапите влезници) по 20-30 илјади души само кога пеат: Лепа Брена, Северина, Цеца, Теа Таировиќ, „Фрајле“, Здравко Чолиќ, Јелена Розга, Саша Ковачевиќ, Петар Грашо, Ацо Пејовиќ?… Навистина многу жално што нема ист интерес и за нашите пејачи и македонски евергрини, кои никогаш не загубија од својата свежина и од својата певливост. Со право се прашуваме каде ни запнува тогаш? Дуле Миќиќ