Одложувањето на гласањето за предлог-извештајот за Македонија во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) за 24 јуни предизвика различни толкувања. Дел од познавачите во земјава сметаат дека тоа претставува дипломатска победа за земјава, која успеала да ја наметне својата позиција и да го стави во фокус вистинскиот проблем: негирањето на идентитетските обележја на македонската нација и дека периодот до гласањето претставува можност Македонија да ги зацврсти својот став и поддршката меѓу европратениците, кои сè погласно зборуваат за нужноста од деполитизирање на процесот на проширување.
Но, од друга страна, се отвара прашањето дали со ова одложување бугарските европратеници си купија уште три недели за лобирање кај колегите во Брисел, кои вешто ќе ги искористат за активно лобирање за вклучување формулации што ги оспоруваат македонските јазик и идентитет.
Вистината е на наша страна
Поранешниот амбасадор, Ивица Боцевски, го нарече одложувањето „огромна победа“ и доказ дека „вистината излегува на виделина“. Според него, суштината на бугарските забелешки – кои, главно, се однесуваат на македонските јазик и идентитет – конечно, станала видлива за пошироката европска јавност.
– Целата европска јавност може да види дека спорното не е ниту демократијата ниту реформите, туку самото постоење на македонските јазик и нација, нешто што е апсурдно во 2025 година – изјави Боцевски, укажувајќи дека со ова се разоткрива суштината на одредени блокади што ја кочат евроинтеграцијата на земјата.
Боцевски нагласи дека ова е резултат на координирана дипломатска офанзива на земјава, со задача да се изнесе вистината пред европската јавност и да ѝ се објасни на Европа зошто има Македонија проблем со бугарските барања.
Сличен став има и ексамбасадорот Зоран Јолевски, член на Советот на амбасадори, кој вели дека одложувањето е индиректно признание на легитимитетот на македонската позиција.
– Посебноста на македонскиот идентитет е реалност, и никој не може да го оспори тоа – изјави Јолевски, додавајќи дека ова е „победа за нас, бидејќи вистината е на наша страна“.
Тој додаде дека вообичаена практика е содржината на ваквите извештаи да биде споделена со државата за која се подготвуваат, па инсинуациите дека македонските власти однапред знаеле за некои формулации не се ништо невообичаено. Она што е невообичаено, според него, е обидот за политичка злоупотреба на европскиот процес за националистички цели.
Вајц стои зад документот
Иако целосно стои зад документот што го подготви, известувачот во Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, за 24 јуни го одложи гласањето во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) за усвојување на предлог-извештајот за земјава. Во образложението за предлогот, Вајц нагласи дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.
– Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија. Овој извештај нема намера и нема цел решавање на билатералните прашања меѓу Бугарија и Македонија. Сепак, знаеме дека се работи и за билатерални односи, но, исто така, да речеме, за владеењето на правото, за третманот на малцинските заедници и така натаму. Затоа би сакал да побарам одлагање на гласањето за овој извештај за 24 јуни – рече Вајц.
Тој нагласи дека целта на ова барање е да им даде можност на неговите колеги европратеници, особено на оние од редовите на десничарските пратенички групи – Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) и Европа на суверени нации (ЕСН) „да ги ажурираат своите лоби-регистри“. Вајц му се обрати директно на бугарскиот европратеник Ивајло Валчев од партијата Има таков народ (ИТН), која е членка на ЕЦР, посочувајќи дека тој самиот најавил три лоби-состаноци.
Сепак, одложувањето не значи и конечна победа. Одлуката за одложување може да се гледа и како тактички потег – обид да се намалат тензиите и да се најде компромисен јазик пред гласањето. Домашните дипломати порачуваат дека ова е момент кога Македонија успеала да го сврти вниманието на Европа кон суштинскиот проблем: правото на самоидентификација и достоинство во рамките на европското семејство. (В.С.Н.)