Националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk бележи значителен раст со над 200.000 корисници и 13.200 издадени услуги месечно. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, најавува целосна дигитализација на најкористените услуги до крајот на мандатот. Македонија е блиску до исполнување на условите за влез во европската зона „роаминг како дома“, што ќе им овозможи на граѓаните користење на Интернет без дополнителни трошоци во ЕУ. Во октомври, Скопје ќе биде домаќин на дигиталниот самит на Западен Балкан 2025, каде што ќе се дискутира забрзување на процесот за роаминг
Македонија забрзано чекори кон дигитална трансформација: онлајн услугите се зголемени за 11 пати, се подготвува договор за роаминг со ЕУ, а Скопје повторно ќе биде домаќин на дигиталниот самит на Западен Балкан. Околу 200.000 граѓани веќе ги користат онлајн услугите преку националниот портал uslugi.gov.mk, каде што месечно се издаваат по над 13.000 документи – од уверенија за државјанство и потврди за неосудуваност до документи од Катастарот и од Фондот на ПИОМ. Овие бројки, според министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, се доказ дека дигиталните алатки стануваат дел од секојдневието на граѓаните.
– Сите три потврди за неосудуваност (казнена, кривична и прекршочна евиденција), уверение за државјанство, петте најкористени услуги од Катастарот, потврдите за стаж од Агенцијата за вработување и од Фондот на ПИОМ се само некои од документите што граѓаните може да ги извадат онлајн и за многу кратко време од националниот портал https://uslugi.gov.mk/. Кога почна порталот со работа, се даваа по 1.200 услуги месечно, а сега по 13.200. Зголемен е и бројот на корисници, од околу 100.000 на 200.000 – рече вчера министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Според него, денес се речиси 70 институции „закачени“ на платформата за интероперабилност, а на почетокот беа 40.
– Интероперабилноста значи дека тие веќе разменуваат податоци меѓу себе и како што најавив, до крајот на мандатот ќе се обидеме сите најкористени услуги од граѓаните да ги донесеме на националниот портал https://uslugi.gov.mk/. Искористеноста е голема, од 1.200 услуги месечно што беа давани од порталот кога почна со работа, денес се 13.200, а бројот на корисници од околу 100.000 е зголемен на 200.000. Тоа значи дека граѓаните го препознаваат. Државјанство се вади целосно онлај и излегува за една минута, а потврдите за неосудуваност излегуваат за многу кратко време и не треба да одите до градот од каде што потекнувате за да ги добиете – истакна Андоновски на прес-конференција, одговарајќи на новинарски прашања.
Последна дигитализирана, напомена министерот, е услугата на Државниот завод за статистика што ја користат сите студенти при запишување година или семестар.
Истовремено, до крајот на годинава Македонија ќе ги исполни условите за приклучување кон европската зона на „роаминг како дома“, со што се очекува македонските граѓани да можат да користат Интернет и мобилни услуги во ЕУ без дополнителни трошоци. Како круна на овие процеси, Скопје ќе биде домаќин на дигиталниот самит на Западен Балкан 2025, кој ќе се одржи на 1 и 2 октомври.
– На претстојниот дигиталниот самит на Западен Балкан 2025 (WBDS25), кој ќе се одржи на 1 и на 2 октомври во Скопје, е предвидено земјите од Западен Балкан да усвојат заедничка изјава со повик кон ЕУ да се забрза процесот „роаминг како дома“ и нула трошоци за Интернет за нашите граѓани во ЕУ. Унијата пред еден месец излезе со патоказ што треба да го исполниме како држави за да пристапиме кон оваа зона, но потребна е активност и од нејзина страна. Ние ќе ги завршиме нашите обврски до декември 2025 и очекувам наредната година први да го потпишеме договорот за роаминг со нула трошоци за македонските граѓани – рече министерот Андоновски.
Според него, Македонија е многу напред во однос на исполнувањето на условите.
– Главна беше измената на Законот за електронски комуникации за исполнување на клучните регулативи и директиви на ЕУ, што ние веќе го направивме летово. Остануваат уште неколку подзаконски акти што треба да ги завршиме до крајот на годинава и со тоа ќе ги исполниме условите. Во напредна фаза сме, го изработивме нашиот акциски план и мислам дека ќе бидеме први од регионот – истакна Андоновски.
Како што објасни, во принцип, секоја држава од Западен Балкан одговара за себе.
– Минатиот пат, кога се потпишаа договорите за роаминг на Западен Балкан, ги потпишаа сите држави во исто време. Овој пат, со оглед дека е во врска со ЕУ, би требало да биде секоја држава за себе. Планот на ЕУ е за сите држави од Западен Балкан. Останува да го дискутираме за тоа на претстојниот дигиталниот самит на Западен Балкан 2025 и се надевам дека ќе имаме конкретен одговор на ова прашање, но наша обврска е да бидеме подготвени до јануари – рече министерот.