Скопје од утрово се разбуди под густа сива магла, и иако во текот на денот малку се расчисти, сепак во попладневните часови маглата повторно се спушти и го прекри градот. Видливоста е драстично намалена, а градот изгледа како да застанал во место – едноставно исчезна.
Вечерва Скопје повторно е на топ листата на најзагадени градови во светот.

Мерните податоци укажуваат дека квалитетот на воздухот во Скопје е сериозно нарушен. Според апликациите кои ја следат загаденоста, најзагадено е во Карпош, каде воздухот е класифициран како екстремно лош, а не „заостануваат“ ниту другите општини, каде воздухот се оценува како лош.

Екстремна загаденост бележи новиот портал на Министерството за животна средина и просторно планирање. Во моментов мерната станица Центар во Скопје покажува дека концентрацијата на ПМ10 честички изнесува 213,63 μг/м3 што е повеќе од четири пати повеќе од дозволените 50 μг/м3, додека концентрациите во воздухот на ПМ2,5 честички изнесува 120,99 μг/м3, а се смета дека 24-часовната концентрација на ПМ2.5 се оценува за нездрава кога се зголемува над 35,4 μг/м3.
На страницата на iqair.com со податоци за Скопје стои дека квалитетот на воздухот е во опасна, портокалова фаза и изнесува 154 мерни единици, правејќи го опасен за чувствителните групи граѓани.












