Во 2025 година, во Скопје биле издадени 304 одобренија за градење, со планирани 761 нов стан, од кои повеќе од половина се лоцирани во главниот град. Дури 68,4 % од објектите се од високоградба, што ја нагласува ориентацијата кон колективно домување и натамошно згуснување на урбаното ткиво. Инвестициите растат, но граѓаните алармираат за зголемен притисок врз старата инфраструктура, недостиг на паркинг-места и исчезнување на зелените површини

Градењето станови во Скопје во текот на 2025 година јасно се профилира како еден од клучните двигатели на градежниот сектор и пошироко, на економската активност во земјата. Последните податоци на Државниот завод за статистика, иако се однесуваат на ноември минатата година, даваат силна основа за анализа на трендовите што се прелеваат и во тековната година: зголемена динамика, концентрација на инвестициите во главниот град и растечка улога на високоградбата.

Во ноември лани биле издадени вкупно 304 одобренија за градење, што претставува раст од 16,9 % во споредба со тој месец претходната година. Уште поиндикативен е податокот за вредноста на планираните објекти, која изнесува над 5,4 милијарди денари или за 27,1 % повеќе на годишно ниво. Ова укажува дека не станува збор само за поголем број проекти туку и за поскапи, покомплексни и капитално поинтензивни зафати.

Скопскиот Регион убедливо доминира според бројот на издадени одобренија – 110, што е повеќе од една третина од вкупниот број во државата. Но уште повпечатлив е податокот за планираната станбена изградба: од вкупно 761 предвиден стан, дури 427 се лоцирани во Скопје. Тоа значи дека повеќе од половина од новите станови во земјата се концентрирани во главниот град, а најатрактивни општини и натаму остануваат Центар, Карпош и Аеродром.

Жителите на Карпош се жалат дека има сè помалку зелени површини во Општината и дека детските игралишта се заменуваат со бетон.

– Во маалото речиси и да нема слободен простор што не завршил под темели на нова зграда, без разлика дали првично бил наменет за таква градба. Јасно е дека Скопје расте и дека постои потреба од нови станови, но жителите сè повеќе го носат товарот од тој развој. Зелените површини исчезнуваат, детските игралишта се заменуваат со бетон, а паркирањето стана секојдневен проблем. Секој нов објект носи дополнителни автомобили, бучава и уште поголем притисок врз старата инфраструктура. Се создава впечаток дека се гради без долгорочна визија и без јасен план како ќе изгледа животот во овие населби за пет или десет години – посочува Снежана од Карпош.

Структурата на одобренијата дополнително го објаснува овој тренд. Дури 68,4 % од дозволите се однесуваат на објекти од високоградбата, што директно кореспондира со урбаната реалност на Скопје: ограничен простор, зголемена побарувачка и ориентација кон колективно домување. Вкупната корисна површина на планираните станови изнесува 67.767 квадратни метри, што укажува на континуиран раст на станбениот фонд, но и на натамошно згуснување на урбаното ткиво.

– Градежните активности станаа секојдневие, но инфраструктурата остана иста како пред десетина години. Сообраќајот е сè полош, особено во утринските и попладневните часови. За да стигнам од Аеродром до работа во Центар, понекогаш ми треба и двојно повеќе време отколку порано. Се добива впечаток дека се гради многу побрзо отколку што може да „дише“ градот, без паралелни инвестиции во патишта, јавен превоз и паркинг-решенија – реагира Стојанче.

Интересна е и структурата на инвеститорите. Кај 53,3 % од објектите инвеститори се физички лица, додека кај 46,7 % се јавуваат деловни субјекти. Во исто време, бројот на одобренија за нискоградба (34) и за реконструкција (62) укажува дека фокусот останува на новата изградба, а не на обновувањето на постојниот станбен фонд. Ова отвора прашања за долгорочната одржливост, инфраструктурниот капацитет и за квалитетот на урбаното планирање, особено во скопските општини каде што градежниот интензитет е највисок.

– Никој не ни објаснува како ќе функционира сето ова на долг рок, дали водоводната и канализациската мрежа ќе го издржат овој притисок. Минатово лето имавме слаб доток на вода не само на повисоките катови во зградата, демек поради енормно користење на водата за полевање на ниви и бавчи, но притисокот и сега, зимава, кога имаме врнежи, и натаму е слаб. Новите згради носат нови жители за кои е потребно проширување на училиштата и градинките, потребни се и нови здравствени установи. Урбаното планирање треба да биде повеќе од цртање згради на хартија, затоа што ние живееме тука секој ден. Ако сега не се размислува како ќе функционираме за десет или дваесет години, последиците ќе ги чувствуваме сите – вели Сашо од населбата Реонски Центар.

Ланските статистички податоци сугерираат дека и во 2026 година ќе се продолжи во знакот на засилената станбена изградба во Скопје, со раст на инвестициите и со силна ориентација кон високоградбата. Главниот град останува јадрото на градежната експанзија, но токму таа концентрација сè почесто отвора дебата меѓу граѓаните дали растот на квадратите оди паралелно со растот на квалитетот на живеење или урбаниот развој ја надминува инфраструктурната и планерската реалност на градот.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ