Иницијативите од Брисел и од други европски влијателни земји за одржување средби на високо ниво со Бугарија засега не добиле конкретен одговор од Софија, истакна премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите. Тој порача дека останува нејасно дали бугарската Влада е подготвена да учествува на ваквите разговори, додека од македонска страна локацијата и форматот на средбите ќе зависат од тоа дали прашањето ќе се третира како билатерално или како европско. Мицкоски повтори дека барањата за гаранции од ЕУ се логични и произлегуваат од искуствата од минатото, како и дека Владата нема да прифати процес кој ќе отвори простор за нови условувања.
– Нема партнер за танго. Имаше иницијатива и од Брисел и од други влијателни земји за состаноци на високо ниво, да се седне да се разговара. До овој момент, нема информација дали бугарската Влада е подготвена и дали сака да присуствува на тие состаноци, истакна премиерот Мицкоски на брифинг со новинарите.
Во однос на тоа дали македонската страна прифаќа да разговара во Софија или само во Брисел, Мицкоски рече дека зависи од тоа дали прашањето се третира како билатерално или не.
– Ако ова веќе не е билатерално прашање, тогаш е логично да разговараме во Брисел. Бугарската Влада вели дека ние можеме сами да си го решиме. Тогаш, тоа е билатерално прашање. Значи, тоа е веќе билатерализација. Нека расчистат самите со себе, рече премиерот.
Во однос на барањата за гаранции, премиерот истакна дека поучени од институционалната меморија од минатото дека секоја отстапка создава простор за нови услови, логични се овие барања од македонски страна. Во одговор на новинарско прашање, тој посочи дека во однос на гаранциите, нема никакво поместување од европските партнери, по изјавата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој токму од Софија порача дека е логично на Македонија да ѝ се дадат гаранции.
– Уставните измени се само почеток. И утре да ги внесеме Бугарите во Устав, прашање е само дали за 3, 6 или за 9 месеци ќе имаме нов услов. Едно е политика, а друго е национален интерес. Прашањето е дали ќе продолжиме по овој пат да бидеме наивни дека ако правиме отстапки, тоа е начинот. Јас не мислам дека тој пат е добар. Овој пат по кој оди оваа Влада е тежок, но не е срамен, истакна премиерот.
Во однос на документот со црвените линии што ги претстави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, Мицкоски истакна дека смета оти опозицискиот лидер е доволно искусен како политичар и досега требало да прочита дека не треба да чека одговор за црвените линии.
Предвремени избори ќе ѝ штетат на економијата
Во однос на прашањето за предвремени парламентарни избори напролет, премиерот Мицкоски повтори дека и покрај позитивните резултати за партијата што ги покажуваат ноемвриските интерни анкети, сепак, смета дека предвремени избори не треба да се одржат, пред сè, затоа што ќе застане процесот на реформи и ќе стагнира домашната задача што земјава треба да ја напише.
– Во моментов не гледам индикатор за предвремени парламентарни избори. Во рамките на коалицијата, работите функционираат многу нормално. По Самитот ЕУ – Западен Балкан и ќе се комплетира Владата со овие две имиња, рече премиерот и додаде дека во однос на понатамошната реконструкција на Владата, можеби е потребно освежување во одредени делови, затоа што има поклопување на обврски и тоа, секако, влијае на ефикасноста. Очекувам некаде во април и во мај, пред втората годишнина од оваа Влада, да се завршат процедурите во централните институции и така ќе се подготвуваме за парламентарните избори, кои, ако нема некои позначајни промени, би се случиле во пролетта 2028 година, рече премиерот на брифингот.
Премиерот Мицкоски е убеден дека барањето за поголем буџет во правосудството е исклучително само заради зголемување на платите. Секој, нагласува Мицкоски, кој вели дека станува збор за платите, не ја говори вистината. Смета дека доколку им се потребни средства за вработување персонал како што велат, треба да направат список и преку Министерствто за финансии дополнителните средства ќе им бидат обезбедени. Дециден е дека нема да им се даде 0,8 посто од БДП, бидејќи, како што истакнува, државата има и други приоритети.
– Тој буџет што тие го бараат од 0,8 проценти нема да го дадеме, макар и да е задолжителен. Затоа што 0,8 од БДП на 20 милијарди долари од БДП е 160 милиони долари. Толку пари не може да дадеме затоа што треба да издвоиме за НАТО 3,5 проценти за воени трошења и 1,5 проценти за критична инфраструктура, треба да издвоиме за плати, за пензии, за социјални трансфери… Трипати да го зголемиме буџетот за судовите пари нема и нема да го зголемиме туку ќе дадеме за вработувања за кои тие велат дека им се потребни, нагласува Мицкоски.
Тој најави дека процедурата за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, ќе започне многу скоро.
– Разрешувањето на Коцевски ќе започне многу наскоро. Тоа е процедура што ќе трае месец и пол, па и два, изјави Мицкоски.
Партиски конгрес во сабота – ќе остане ли ВМРО-ДПМНЕ без потпретседатели?
Премиерот Мицкоски најави дека на партискиот конгрес во сабота, што ќе се одржи во Кавадарци, ќе биде усвоен конгресен документ „Стратегија – Македонија 2030“. Рече дека документот ја содржи визијата за тоа како ВМРО-ДПМНЕ ја гледа Македонија и кои се столбовите на кои ќе ја темелат нивната политика. Ќе биде разгледан и усвоен и извештајот за финансиско работење на партијата, која нагласува Мицкоски, прв пат, како политичка партија нема долгови.
Премиерот рече дека ја разгледува и опцијата да нема потпретседатели на партијата. Посочи дека во минатото имало и такви моменти и дека тоа може да се толкува и дека со оглед на најавата дека ова ќе биде негова последна кандидатура за претседателската функција во партијата, со отсуството на потпретседатели ќе нема и фаворизација за негов наследник.
На Конгресот ќе биде избран претседател на партијата, досега има само еден кандидат, а потоа ќе следува и избор на претседателот и членови на статутарната комисија. Ова е 18. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, кој се одржува под слоганот „Визија што гради држава, за генерација што доаѓа“. Претседателот на партијата вели дека овој конгрес ќе биде најмасовен досега, со преку 850 делегати и преку 1 700 гости. На конгресот, обраќања ќе имаат и претставници од сестрински партии. (В. С. Н.)












