За нешто помалку од четири месеци Скопје ќе биде домаќин на првиот ММА-спектакл, а покрај борбите, на сцената се очекува да се појави и најдобриот македонски УФЦ борец, Александар Волкановски, кој ги брани боите на Австралија. Сепак, барем според најавите на првиот човек на македонската ММА федерација, Ивица Алексовски, Волкановски би бил во улога на гостин, односно промотор на настанот, каде што младите љубители на овој спорт ќе имаат можност одблизу да го видат и да го запознаат светскиот борец.

  • Во последните години покажавме дека имаме потенцијални квалитети кога е во прашање овој спорт. Благодарение на успесите кои ги постигнавме во изминатите две години, успеавме да ја формираме оваа ММА федерација, која се надевам дека во иднина ќе собере многу клубови од нашата држава и ќе ги имаме најдобрите борци со кои можеме да се презентираме на светско ниво. Со формирањето на оваа Федерација сакаме да допринесеме да овој спорт го подигнеме на едно повисоко ниво во Македонија, односно да организираме настан во нашата држава каде што ќе се појават неколку добри и силни борци од страна, како и нашите најдобри. Во главната борба на 6 септември се очекува да биде нашиот најдобар – Гого Славевски, за кого ова ќе биде прва борба пред своја публика, што е од посебно значење. Исто така се очекува одлична борба да има и Даниела Алексовска, како и уште неколку млади и перспективни македонски борци, истакна Ивица Алексовски, па додаде:
  • Сакаме да испратиме покана и до Александар Волкановски, еден од најголемите лица во УФЦ, да дојде и да биде дел од овој настан, секако, како гостин. Сакаме овој настан да биде од поинаков сегмент во однос на останатите настани кои биле во Македонија.

Свој збор имаше и министерот за спорт, Борко Ристовски, кој истакна дека ќе бидат главен покровител на овој настан.

  • Ние како Министерство за спорт, во соработка со Ивица Алексовски, дојдовме до заклучок дека треба еден ваков настан да се одржи во Македонија, затоа што имаме навистина скромна понуда кога се во прашање настаните кои се случуваат тука. Затоа решивме да вложиме средства и да организираме еден настан од ваков тип за луѓето кои го сакаат овој спорт и воедно ќе ги поттикнат младите да се занимаваат со него. Се надеваме дека се ќе помине во најдобар ред, па на следниот настан да го поканиме Волкановски да се појави и како борец, а не само како гостин. Ние како Министерство ќе направиме сè за да одиме во вистинска насока кога е во прашање спортот, порача Ристовски.

На крај, „шлаг на тортата“ стави и нашата најдобра борачка, Даниела Алексовска, која пред неколку месеци освои златен медал на Европското првенство во Белград, Србија.

  • Моја задача како борец е да се покажам во најдобро светло на овој настан. Гордо е да се претставува државата пред свој публика, а дотогаш имаме многу време за подготовки и ветувам дека ќе дадам сè од себе, заврши Алексовска.

Засега не е познато во која сала би се одржал овој голем настан, се споменуваат „Борис Трајковски“ и „Јане Сандански“, а познато е дека истиот ќе се одржи на 6 септември во Скопје.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ

ИЗДВОЕНИ