Скопје се најде меѓу десетте „најпотценети туристички дестинации“ во светот. Списанието „Тајмaут“ сподели листа со дестинации што треба да се посетат во 2026 година, а на неа се најде и македонската престолнина. Скопје се најде на осмото место меѓу 33 града по знаменитостите што треба да се посетат и по македонското тавче-гравче, кое задолжително треба да се проба. И туристичките експерти го делат ова мислење, дека Скопје е град што изобилува со богата историја и мултикултурализам, на кои треба да се базираат неговото туристичко брендирање и неговата промоција. Но, сметаат дека ако сакаме да го зголемиме бројот на туристи, мора да го исчистиме ѓубрето во Вардар и покрај улиците, кое остава лош впечаток кај странците што доаѓаат во нашата држава.
– Не без причина Скопје е наречено „Лас Вегас на Балканот“. Македонскиот главен град е земја на чудата со кичести статуи, вклучувајќи ја и репликата за почит на Триумфалната порта од Париз и 22-метарскиот „Воин на коњ“ со фонтана. Ако чувството дека посетувате тематски парк за возрасни не е доволно, тука е и историскиот пазар – Старата чаршија, совршен за попладне минато во пешачење – се вели во написот на списанието „Тајмaут“.
Љупчо Јаневски, туристички експерт и универзитетски професор, вели дека нашиот главен град може многупати да се прочита во списанијата, со различни позитивни коментари за тоа како го доживеале патописците што поминале и престојувале во него.
– Скопје е уникатно искуство и единствен град на солидарноста во светот со богата историја, со мултикултурализам, на кои треба да се базираат неговото туристичко брендирање и неговата промоција. За да се случи тоа, потребна е многу повеќе работа од институциите на градот што се задолжени за туризмот и државните институции, кои треба да ја продлабочат соработката на полето од туристичката промоција, а сите заедно да го градиме Скопје како што прилега. Не би сакал, на долг рок, перцепцијата на странските туристи за Скопје да биде Лас Вегас, туку да биде споредувано со многу европски метрополи како Виена, Париз, Берлин и други – вели Јаневски.
Тој вели, за да биде во рангот на европските метрополи, освен што треба да се води сметка за хигиената, потребни се интерактивни мапи за туристите подобро да ги истражат неговите знаменитости и туристички атракции.
– Потребно е туристите што го посетуваат Скопје да ги дочека град со беспрекорен систем на хигиена, градски сообраќај, уникатни ресторани и бренд хотели, лесно движење со одлично туристичко означување, дигитални алатки полни со информации за градот, како и голем број интерактивни мапи за подобро да ги истражат неговите знаменитости и туристички атракции. Лесно достапни музеи, голем број настани што ќе привлечат различна публика и светски ѕвезди што ќе гостуваат во него. Скопје заслужува многу повеќе и може да го видиме тоа од позитивните критики од странските туристи – вели Јаневски.
И Аркан Керим, претседател на Туристичката комора при Сојузот на стопански комори на Македонија, смета дека на градот му недостигаат нови дигитални табли, какви што има во другите регионални и светски метрополи, за да може туристите подобро да се информираат.
– Точно, странските туристи што доаѓаат во градот индивидуално и без туристички водичи, немаат каде да се информираат за градот и за знаменитостите. И покрај тоа што странските туристи што доаѓаат во државата се информираат преку „Чет-ГПT“ и „Гугл мапс“ што да посетат и преку обични мапи каде се наоѓаат местата што сакаат да ги посетат, сепак, како и секоја метропола така и градот Скопје треба да има информативни туристички мапи што се во функција – вели Керим.
Според него, ако сакаме да го зголемиме бројот на туристи за кои Скопје станува сè поинтересно, бидејќи има што да се види, мора да го исчистиме ѓубрето во Вардар и покрај улиците, кое остава лош впечаток кај странците што доаѓаат во нашата држава.
На топ-листата на списанието „Тајмaут“ се најдоа и: полуостровот Оса (Костарика), градот Кари-ле-Руе (Франција), автопатот „Тиога пас“ (Калифорнија, САД), Филандија (Колумбија), Ишикава (Јапонија), Сребреник (Босна и Херцеговина), Флам (Норвешка), Њукасл (Австралија) и многу други.
(А. С.)