Провокациите меѓу Скопје и Софија повторно ја разгоруваат тензијата во регионалната дипломатија. Бугарскиот премиер, Росен Жељазков, побара извинување од македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, поради неговата изјава за „глушецот и лавот“. Според Жељазков, ваквите квалификации не се достојни за еден шеф на влада и директно ги нарушуваат добрососедските односи, како и довербата помеѓу двете земји.
– Мицкоски треба да најде начин да се извини. Навредите од страна на премиер кон член на странска влада не се само непримерни, туку и штетни. Во овие чувствителни времиња, довербата е премногу кревка, истакна Жељазков.
Тој иронично посочи дека ќе им го остави наративот на Мицкоски на оние што го познаваат Езоп, алудирајќи дека македонскиот премиер се служи со алегории од басни, наместо со дипломатски тон. Жељазков додаде дека Бугарија останува доследна во поддршката на европскиот пат на Македонија, но само доколку се исполнуваат обврските од 2022 година и Договорот за добрососедство.
– Исто така, има многу луѓе во Бугарија кои не ја одобруваат обврската од 2022 година, но политичката зрелост бара да се спроведе она што е договорено, рече бугарскиот премиер.
И бугарското МНР остро ја осуди изјавата на премиерот Христијан Мицкоски. Оттаму порачаа дека оваа изјава е некомпатибилна со елементарните норми на дипломатскиот и политичкиот дијалог, како и со принципите на добрососедство, кои, како што обвинија оттаму, земјава „јавно изјавува дека ги споделува, но во практика грубо ги крши“. Ваквите изјави од македонска страна, велат од бугарското МНР, создаваат клима на непријателство и не ја демонстрираат политичката волја за враќање кон нормален и конструктивен разговор.
– Повторната употреба на вулгарни придавки кон претставниците на бугарската држава не само што ја поткопува веќе кревката доверба меѓу нашите две земји, туку ја доведува во прашање и автентичната посветеност на политичкото раководство во Македонија кон Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и кон декларираната желба за пристапување во ЕУ – процес што бара меѓусебно почитување, одговорност и политичка зрелост, се наведува во реакцијата на бугарското МНР, од каде додаваат дека Бугарија нема да толерира говор на омраза, лични напади и намерно поткопување на односите меѓу земјите.
Претходно, бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, го нарече Мицкоски „северномакедонски премиер“ – етикета што очигледно го испровоцира лидерот на македонската влада. Георгиев истакна дека Мицкоски не бил задоволен од текот на настаните во сопствената држава, поради што започнал да води битки на надворешен план.
Во свој стил, Мицкоски го нарече Георгиев „момче“ кое само извршува задачи дадени од други центри на моќ во заднина.
– Тоа момче е пратено да го привлече моето внимание. Мислам дека не треба да му дадеме можност. Апелирам и до вас, медиумите, оставате го. Тоа е Влада која во заднина ја раководи друг. Тие луѓе треба да одработат. Му рекле, му дале задача „ајде сега, закачај се. Тоа е исто како кога глушецот го задева лавот“, изјави македонскиот премиер.
Реакцијата од македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија (МНР и НТ) не изостана. Министерството најостро ги осуди „навредливите и недолични“ изјави на Георгиев и му врачи официјален протест на бугарскиот амбасадор во Скопје, Жељаско Радуков, на кого му беше укажано на несоодветноста на ваквиот јавен дискурс од страна на висок функционер на бугарската влада. Од Министерството порачаа дека очекуваат од официјална Софија да упати соодветно извинување, во насока на зачувување на достоинствената и принципиелна билатерална комуникација.
–Таквите изјави, во кои се користи недоличен речник и се омаловажуваат претставници на суверена држава, претставуваат директна повреда на основните принципи на меѓународното право и дипломатската комуникација. Тие не придонесуваат за унапредување на добрососедските односи и се во спротивност со духот на конструктивен дијалог и заемно почитување што треба да ја води соработката меѓу двете земји, стои во соопштението на Министерството.
И лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, остро реагираше на изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, кој го нарече премиерот Христијан Мицкоски „северномакедонски премиер“. Филипче ја оцени изјавата како навредлива и недолична, нагласувајќи дека такви ставови не придонесуваат за добрососедски односи.
– Ја осудувам изјавата, затоа што сметам дека не е во духот на демократските вредности, не е во духот на цивилизациските вредности, ако сакате. Не може ниту еден политичар од Бугарија да ги навредува нашите институции. И тоа воопшто не е во духот на добрососедските односи, изјави Филипче.
Тој потсети дека вакви провокации не се новост и дека македонската дипломатија има долгогодишно искуство во справување со слични ситуации. Според него, одговорот не треба да биде со конфронтации, туку со трпелива и решителна дипломатска борба.
– Тоа не бара ниту нервоза, не бара ниту патетика, не бара ниту патетични прес-конференции. Тоа бара сериозна борба. Тоа бара убедување и борба, порача Филипче, додавајќи дека договорите со соседите треба да се користат како основа за градење на стабилни односи, а не да се доведуваат во прашање.
Ситуацијата се развива во време кога и двете земји се обврзани да ги одржат добрососедските односи во рамки на европскиот процес. Но, сѐ почести се сигналите дека политичката реторика во двете престолнини станува сѐ поостра, оставајќи сè помалку простор за конструктивен дијалог.
Во меѓувреме, Софија бара извинување, Скопје протестира – а лавот и глушецот продолжуваат да се задеваат во дипломатска арена што сè повеќе наликува на арена од басна.
Реториката помеѓу двете земји особено се вжешти со случувањата во Европскиот парламент, барањето да се вметне „модерен“, како и целосното бришење на македонски јазик и македонски идентитет од документот. (В.С.Н.)