Скопје и Прага од денеска повторно се поврзани со директен лет, со што се реализира иницијативата на министерката за енергетика, Сања Божиновска, за возобновување на оваа линија со цел олеснување на бизнис-комуникацијата и поврзаноста. Оваа линија беше во функција од 2005 до 2012 година.

Како претседател на Мешовитата комисија за економска соработка во Чешка, министерката информираше дека иницијативата за директна авионска линија била поведена на заедничкиот македонско-чешки состанок во Прага, во март годинава, како дел од пошироката агенда за продлабочување на билатералните односи и за олеснување на бизнис-комуникацијата.

– Оваа авиолинија е реална врска меѓу две економии, два пазари и две општества. Поврзаноста е предуслов за развој. За мене, оваа линија има и силна лична димензија. На 20 август 1998 година се иселив во Прага, во време кога немаше директен лет меѓу нашите две земји. Поврзаноста беше комплицирана, скапа и временски исцрпувачка. Од 2005 до 2012 година, постоеше директна линија и од лично искуство знам колку значи директната авионска врска, не само симболично туку и реално, за животот, за бизнисот и за секојдневната комуникација меѓу луѓето. Затоа, уште од првиот ден како министерка силно се залагам за продлабочување на врските меѓу Македонија и Чешка и за создавање реални услови што ќе ја олеснат таа поврзаност – нагласи Божиновска.

Таа очекува директната авиолинија Скопје – Прага да придонесе за зголемен туристички и деловен сообраќај, подобра мобилност на граѓаните и за посилно вклучување на Македонија во европските економски текови.

На оваа релација ќе лета „Визер“ со субвенции од Владата, секои понеделник, среда и петок. Од Меѓународниот аеродром „Скопје“ вечерва ќе биде обновена и линијата на „Визер“ до Келн, со четири лета неделно, секои понеделник, среда, петок и недела.

Андраш Радо, директор за комуникации во „Визер“, соопшти дека цената на билет за летот Скопје – Прага во еден правец за јануари е 21 евро.

– Посветени сме да имаме ниски цени и не се предвидуваат корекции во цените – рече Радо.

Неџат Курт, генералниот директор на „ТАВ Македонија“, истакна дека со отворањето на оваа маршрута, не само што се нуди нова можност за патниците и што се поврзуваат двата града, Скопје и Прага, туку и се создаваат можности за економска соработка, туризам, културна размена и развој на деловните врски.

– Среќен сум што директната линија ќе ја направи Прага уште подостапна за нашите граѓани и компании и истовремено ќе им овозможи на чешките туристи и инвеститори полесно да ја откријат Македонија – рече Курт, истакнувајќи дека оваа авиолинија е плод на стратешка соработка и на посветена тимска работа.

Како што најави Курт, следната година се очекува раст од 20 % на авиосообраќајот од македонските аеродроми, со над 3,5 милиони патници.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ