Скопје и Охрид најпосетени, Турците убедливо во најголем број

197

Расте бројот на странски туристи што ја посетуваат Македонија, а при тоа најголем дел се упатуваат или кон главниот град или кон Охрид.

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на туристи во мај 2025 година изнесувал 130.739 лица, од кои 22,4 отсто биле домашни, а 77,6 проценти странски туристи.

Во мај биле евидентирани 231 313 ноќевања, од кои 28,8 отсто од домашни туристи, а 71,2 проценти од странски.

Најголем број туристи во нашата земја пристигнале од Турција, па следуваат германските туристи, па оние од Франција и од соседна Србија.

При тоа, само од Турција дошле 28.338 туристи, од Германија 15.166 лица, додека од Франција 6.059 туристи и 5.942 посетители од Србија.

Во периодот јануари – мај 2025 година, во однос на тој период од претходната година, вкупниот број туристи е зголемен за 16,3 отсто. Кај домашните туристи има намалување за 1 проценти, а кај странските зголемување за 23,6 отсто.

Вкупниот број ноќевања, пак, е зголемен за 12 проценти и при тоа кај домашните туристи има намалување за 0,3 отсто, а кај странските зголемување за 18,7 проценти.

Податоците покажуваат дека најголем дел од туристите престојуваат во Скопскиот и во Југозападниот Регион, каде што се остварени најголем дел од ноќевањата на туристите.

ИЗДВОЕНИ