Сеќавања… Четири тажни години од заминувањето на легендарниот рокер на „Парни ваљак“

На денешен ден, 22 јануари, пред четири години, засекогаш ги затвори очите и отплови во вечноста Аки Рахимовски, легендарниот пејач и фронтменот на ексјугословенскиот рок гигант „Парни ваљак“. Нашиот другар од детството и од младоста, со кого поминавме цели 20 години во Скопје, пред да замине за Загреб. Со неговото ненадејно заминување, тој го однесе неповратно најубавиот дел од од нашата младост. По повод четиригодишнината од неговото заминување, за весникот ВЕЧЕР поразговаравме за Аки токму со дел од неговите скопски другарки и другари, со кои тој ја помина неговата младост, со кои се забавуваше, свиреше и пееше, ги делеше најубавите  моменти.

Зорица Поп-Панкова, естрадна уметница и поранешен вокал на групата „Тор“ во која членуваше Аки, мошне емотивно ни раскажа:– Во почетокот на ’70-тите, скопското корзо и скверот кај Кенан беа собиралиште на авангардата на Скопје. Тука се собираа напредните хипи момци и девојки, музичари, пејачи, сликари, со еден збор, уметнички души. Со Аки бевме другари неколку години пред тој да стане пејач во групата „Тор“. Вечерните другарувања секогаш нè водеа на скалите кај Камениот мост, каде што со часови свиревме и пеевме заедно со невидена страст. Настапувавме на многу свирки низ градот и зборувавме за светските пејачи и за групи со воодушевување посакувајќи и нам тоа да ни се случи. А, пак, Аки онака малечок, скромен, секогаш весел и насмеан, иако во мене гледаше нешто многу големо и недостижно, во тоа време за себе не можеше ниту да помисли дека токму тој ќе стане толку голем и недостижен.

Потоа од „Тор“ замина за Загреб, вели Зорица и… сè останато се знае, веќе е кажано и напишано многупати за него. Рокер од почеток до крај. Без него, „Парни ваљак“ мислам дека не би бил  тоа што беше во времето на Југославија. Запишани со златни букви на музичката рок-сцена, ширум просторите на таа некогашната заедничка држава, благодарение на фантастичниот Аки. Неговата појава и невидената енергија, што ја имаат само рокерите со таква харизма како неговата, се рефлектираше на сцената. Вулкан од глас кој уриваше сè пред себе, пленеше, облагодаруваше и нè правеше среќни. Глас кој сè уште се слуша и не заминал никаде туку останал да нè потсетува на еден голем Аки, кој никогаш и никаде не може да замине и да се заборави.Ќе го паметам како голем другар, пред сè, искрен чесен и скромен, мил. Вистинско скопско дете кое пленеше со својот глас. Ги сонувавме истите соништа кои ни се исполнија, но неговиот сон остана недосонуван, рано замина од овој свет, а имаше уште толку многу музика во него. Јас сум убедена дека еден ден повторно ќе запееме заедно. Ми недостасуваш, убавино моја!

Владимир Јанкуловски, басист на групата „Ден за ден“, имаше можност да свири со Аки, на почетокот на неговата кариера.

– Аки го познавам уште од почетокот на 70-тите години од Пионерскиот дом „Карпош“. Таму беше заедно и со Драгиша Солдатовиќ, клавијатури, со кого потоа членував во групата „Ден за Ден“, со Бошко Доневски, тапани, потоа член на „Патика“ и Венко Дојчиновски, вокал, кога ја формиравме групата „Bloody Hand“. Еден ден, Венко предложи да донесе еден свој комшија кој свири на клавир. Тоа беше Аки. Токму на предлогот на Аки, Пионерскиот дом „Карпош“ го ангажираше таткото на Аки, кој беше професионален музичар кој одржуваше проби со нас. Се сеќавам, првиот настап го имавме во Драмскиот театар на една детска приредба. Потоа, патиштата ни се разделија, тој замина во групата „Тор“ а, јас и Драгиша Солдатовиќ-Лабиш отидовме во групата „Ден за Ден“. Откако замина во Загреб, стана легенда. За мене Аки беше мошне скромен човек, редок талент и врвен рок вокал.Мирјана Василева, позната ТВ-новинарка, но и кума на Аки, истакнува дека Скопје и Македонија треба достојно да му се оддолжат.

– Со Аки се познававме речиси 45 години. Најпрво јас како млад хонорарец во загрепскиот весник „Вечерњи лист“, а тој како веќе изграден музичар на загрепската рок-школа. Аки беше непоправлив оптимист, човек со големо срце, со моќен глас и вистински вулкан на сцената. Во 1979 година, во еден студен декемвриски ден, имав чест да бидам една од неговите куми, кога се венчаваше со Даниела, неговата прва сопруга. При секој настап, и при секое негово интервју, во која било земја и на која било сцена, не забораваше да ја спомене неговата огромна љубов кон Македонија, во која ги помина првите 20 години од животот. Затоа, сметам дека најмалку што можат Скопје и Македонија да сторат, тоа е една главна улица во главниот град да го носи неговото име.

Оливера Станковска, естрадна уметница од Гевгелија, која и ден-денес по малку жали што не го послушала неговиот искрен совет да продолжи со кариерата во Загреб.–Со Аки се запознав случајно, кога дојде во Гевгелија, преку нашиот заеднички пријател, Љубчо Алексовски. Се дружевме неколку дена, а јас со мојата гитара правев  дружбата да ни биде уште повесела. Сакаше да свирам исклучиво македонски народни и забавни песни. Тој не зборуваше многу, само пееше. Сепак, во еден момент, ни кажа дека секогаш ќе жали за својата прва скопска љубов, за неговата мајка која ретко ја гледаше и за сите негови другари кои останаа во Скопје. Беше човек кој пленеше со својата едноставност и харизма. Се разбира дека правевме муабет за тоа, дали ќе сакам да заминам и јас во Загреб?  Тогаш го одбив, поради лични причини. Но тој ми кажа дека кога и да посакам да одам во Загреб, ќе ми помогне да се снајдам. Уште не можам да верувам дека физички го нема меѓу нас. Но, останаа сеќавањата, останаа неговите песни испеани со неговата препознатлива боја на гласот. Беше човек кој, едноставно, живееше за сцената. Аки, иако те нема, ти секогаш ќе бидеш блиску до моето срце и до срцата на твоите пријатели.

Аки замина во Загреб поради песната, со песни секогаш се враќаше во неговата Македонија, и со македонска песна го испратија на последното патување во Алејата на великаните на гробиштата Мирогој, во Загреб. „Јас си заминав“, ми кажа еднаш, „но, цело време живеам со вас, пријателите и другарите, со Македонија, која ја носам тука, во срцето“. Е, таа Македонија, сега треба да ти се оддолжи за сето она што ти направи за неа. И на телевизиите во Хрватска, Србија и Босна ги пееше најубавите македонски народни песни. Насекаде каде што настапуваше, гордо зборуваше дека е Македонец и дека неговата татковина била и секогаш ќе биде Македонија, раскажа Оливера.
Никола Андонов, придружен член на групата „Тор“, се сеќава на прекрасните денови поминати со Аки

– Денес со носталгија се сеќавам на детството и на младоста, особено на дружбите со Аки и другарите, кога од утро до навечер поминувавме убави моменти. Возевме велосипеди, а доста време поминувавме и во играње фудбал. Беше виртуоз, како на велосипедот така и во фудбалот. Играше на позиција центарфор, па со леснотија даваше голови, а ние останатите понекогаш му завидувавме за таа негова дарба за фудбал. Кога станавме тинејџери, почнавме сè повеќе да се интересираме за музика. Игрите по улица ги заменувавме со слушање, свирење, пеење на тогашните поп-хитови. Тоа е периодот кога Аки се определи да ѝ се посвети на „Тор“, и заедно со мене како нивни придружен член настапувавме на разни свирки низ Македонија, но и на „Бум-фестивалот“ во Загреб. Кога почина, не можев да поверувам во неговото прерано заминување. Сепак, останаа убавите сеќавања на една бурна младост, помината со Аки, во скопската населба „Карпош 4“.

Љубчо AЛЕКСОВСКИ

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ