Македонија деновиве живее во ритамот на спортот поради сите случувања на големиот спортски настан – Европскиот младински фестивал „Скопје 2025“. Бројни млади спортисти од Европа деновиве ги преплавија улиците низ Скопје и покрај високата температура што владее во главниот град.
Очигледно, најпосле можеме да се пофалиме дека сме добри домаќини, бидејќи организацијата е на едно завидно ниво, а за сето тоа говореше и првиот човек на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски.
- Еден од проблемите на Скопје е летната жештина во овој период од годината, на што сме навикнати ние, Македонците. Но, ако ние сме навикнати, не значи дека и учесниците од останатите земји се навикнати. Ние, како организациски комитет, го зголемивме капацитетот на количеството вода за учесниците. Исто така, направивме целосно медицински мерки кои се препорачани од Меѓународниот олимписки комитет, а тоа значи дека во секоја сала има дополнително количество мраз и ладни кади. Воедно, дојде до промена на одредени саатници на натпреварувањата, па така некои натпревари се одиграа порано од предвиденото, а некои подоцна. Правиме натчовечки напори како организациски комитет и во сите спортски сали каде што немаме инсталирано клима-систем, веќе имаме инсталирано мобилни клима-уреди, што покажува дека навистина се вложуваме за да биде беспрекорно добро за сите учесници. Се надевам дека во наредните денови времето ќе нè послужи малку повеќе и дека овој топлотен бран ќе исчезне, односно, температурата ќе опадне, истакна Димевски.
Пофални зборови за добро завршената работа на организациониот одбор имаше и претседателот на Европскиот олимписки комитет, Спирос Капралос.
- Импресиониран сум од енергијата, организацијата и страста што се чувствуваат овде. ЕМОФ „Скопје 2025“ веќе го освојува вниманието на цела Европа, сите натпревари се пренесуваат во живо и бројките се навистина импресивни. Само натпреварот во атлетика достигна 100.000 прегледи. Тоа зборува за значењето на фестивалот и за тоа како спортот го обединува континентот. Скопје, Куманово и Осиек ја пренесуваат пораката на олимпизмот на најубав можен начин – преку младите, преку спортот и преку солидарноста. Македонија може да биде горда на сето ова што го постигнува, истакна Капралос.
На прес-конференцијата беше упатен и повик до јавноста и медиумите да продолжат да го следат Фестивалот, кој ќе трае до сабота и опфаќа натпревари во 15 спортски дисциплини, како и културна програма, фан-зони и присуство на стотици волонтери кои ја движат организацијата.
Кристијан ТРАЈКОВСКИ