Градските власти најавуваат дека по целосното завршување на сите предвидени активности, просторот на поранешната депонија „Вардариште“ ќе биде целосно трансформиран во модерен парк со површина од околу 300.000 квадратни метри, наменет за граѓаните и за подобрување на квалитетот на животот во градот

Град Скопје почна со површинско чистење на поранешната депонија „Вардариште“. Оттаму велат дека тоа е согласно со ветувањето дадено во програмата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Со тоа, како што велат градските власти, оваа депонија ќе замине во историјата.
– Во изминатите денови, започна процесот на површинско чистење на локацијата, кој се спроведува согласно со изработената физибилити студија и предвидената динамика. По оваа фаза, ќе следува процес на „одгасување“ на депонијата, кој ќе го реализира специјализирана компанија, со соодветна експертиза – истакнаа од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека станува збор за сложен и сериозен зафат, кој првпат се спроведува во државата по нејзината независност и претставува значаен чекор во решавањето на еден децениски еколошки проблем.
Градските власти најавуваат дека по целосното завршување на сите предвидени активности, просторот на поранешната депонија ќе биде целосно трансформиран во модерен јавен парк со површина од околу 300.000 квадратни метри, наменет за граѓаните и за подобрување на квалитетот на животот во градот. Градот не соопшти колку ќе чини оваа операција, ниту дали има предвидено пари за нејзино спроведување.
Инаку, жителите на Аеродром, на кои потоа им се придружија и оние од Гази Баба, организирани во групата „Стоп за Вардариште“, со протести реагираа на постојаното палење и опожарување на оваа депонија, поради што воздухот постојано се загадува и по што имаше интервенции од инспекциските служби на повеќе институции. Граѓаните се откажаа од протестите, бидејќи им беше ветено дека ќе бидат преземени конкретни мерки, поточно дека ќе почне чистењето на депонијата во три фази, односно, прво, чистење на достапното ѓубре, па, во поголем опсег, чистење на горниот слој, ревидирање на старата физибилити студија, па „одгаснување“ и пречистителна страница за водите и на конечна санација.
Министерството за социјална политика, демографија и млади им презентираше план, кој ќе трае подолго време и според кој ќе бидат населени на повеќе места, односно некои ќе бидат вратени во домовите на кои се регистрирани како место на живеење, а други на други згрижувачки капацитети во повеќе општини.
Последно, на 30 декември 2025 година, на средбата, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, им вети површинско чистење на поранешната депонија. Заменик-министерот во Министерството за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, се изјаснил дека оваа постапка треба да заврши до крајот на 2026 година и дека веќе постоела владина одлука за неа.
– Во чистењето на овој слој се вклучени: приватни компании, ЈП „Улици и патишта“ и Општина Гази Баба – истакнаа од „Стоп за Вардариште“.
Воедно, скопскиот градоначалник им ветил и дека по празниците ќе биде објавена тендерска постапка од Град Скопје за „одгаснувањето“, која ќе трае до средината на февруари 2026 година.
– Целосната проектна документација, вклучително и ревизијата на физибилити студијата од 2014 година, треба да биде готова до крајот на мај 2026 година – соопштија по средбата од „Стоп за Вардариште“.
Оттаму додаваат дека почетокот на „одгаснувањето“ е планиран за август 2026 година и дека целиот процес ќе биде отворен за медиумите и за јавноста – велат од „Стоп за Вардариште“.
Следната средба е закажана за февруари, а во меѓувреме им било ветено дека ќе бидат известени за сите одлуки поврзани со „Вардариште“.
Историјата со локацијата на Вардариште започнува во далечната 1963 година, по катастрофалниот земјотрес во Скопје, кога имала намена на место за позајмување на песок и чакал. Ваквата намена на локацијата завршила со привршувањето на градежните работи за обнова на Скопје во 1967 година. По овој период, почнало да се депонира секаков вид отпад на локацијата, а интензивно се користела како депонија меѓу 1976-1996 година, при што биле фрлани индустриски неопасен отпад, градежен шут, комунален отпад и друг вид инертен отпад. Децениското фрлање отпад било вршено на не повеќе од 20 хектари површина на локацијата.
Вардариште дваесетина години имаше улога на главна депонија за фрлање на отпадот од главниот град, иако не беше изградена според стандардите. Уште во 2014 година, по нарачка на Град Скопје, беше направена физибилити студија за санација на поранешната градска депонија, изготвена од Градежниот институт, во соработка со ангажирани инженери, геолози, шумари, архитекти, биохемичари… каде што беше утврдено дека таа е „богата“ со тешки метали. Исто така, таа е локација каде што може да се создаваат токсични диоксини, но има и депониски гасови, па истражувачите апелираа да се внимава на можно формирање експлозивна смеса и палење на депонијата.
Градот Скопје може да го искористи искуството на градот Чачак во соседна Србија. Властите на овој град во август 2019 година почнаа со рекултивација на тамошната депонија, која е со приближна површина како „Вардариште“. Согласно со дебелината на слоевите со отпад, тие го поделиле просторот во две зони со различни методи на санација. Пониските слоеви од 0 до 4 метри ги решаваат со контролирано отстранување на гасовите и со рекултивација, додека подебелите слоеви со поставување канали, водонепропустливи фолии за спречување на течењето на исцедокот од отпадот и со биотрнови за евакуација на депониските гасови. По завршувањето на овој тежок и скап процес, градските власти планираат таму да направат спортски игралишта и паркови.
(А. П.)












