Скопје е побогато за уште едно летно кино под отворено небо – сега на покривот од трговскиот центар Скопје Сити Мол. Летното кино „Rooftop Open Air Cinema“, кое е отворено од трговскиот центар во партнерство со киното Синеплекс, стартуваше на 2 јули со проекција на блокбастерот „Интерстелар“ на култниот режисер Кристофер Нолан.
Со ова, официјално започна првата летна сезона на ова кино, кое до 5 септември ќе понуди поголем избор на филмска програма.
Проекциите ќе се одржуваат три пати неделно – секоја среда, петок и сабота, со почеток во 21 часот, а на програмата ќе се најдат холивудски хитови и македонски култни филмови. Следната проекција е на 9 јули на македонскиот филм „Тетовирање“ на Столе Попов, со Мето Јовановски во главната улога. На програмата ќе се најдат и холивудските остварувања како „Ѓаволот носи Прада“, „Џокер“, „Почеток“ (Inception).
–Посетителите ќе имаат можност да уживаат не само во киноискуството туку и во дополнителна забавна програма која започнува од 19.30 часот, пред секоја проекција. Во рамки на забавната зоната, ќе се организираат тематски активности инспирирани од филмските содржини, со музика во живо, коктели, вкусна храна и разни интерактивни изненадувања – сè што е потребно за едно комплетно летно излегување, истакнуваат организаторите.
Како што додаваат, летното кино е креирано според светски стандарди, со најсовремена киноопрема, аудио и визуелни ефекти, кои гарантираат уникатно доживување, а билетите за проекциите се достапни по цена од 200 денари.
–Иако е лето, ова е најсвежата локација во градот – градско скривалиште под отворено небо. Со оваа иницијатива, Скопје Сити Мол како општествено одговорна компанија воспоставува нова традиција и го позиционира покривот на трговскиот центар како нова летна културна точка во градот, која ги спојува филмот, забавата и градската атмосфера на едно место, додаваат организаторите.
Фото: Игор Костов