Според зимскиот ред на летање, кој почнува од 26 октомври и ќе трае до 27 март 2026 година, Скопје ќе биде поврзано со директни летови до 49 дестинации, а Охрид со пет. Како што објави Агенцијата за цивилно воздухопловство, од и до скопскиот аеродром ќе оперираат 17 авиокомпании, а ќе има и 13 чартер летови на кои ќе сообраќа авиокомпанијата „Фрибрд“, додека од охридскиот три авиопревозници.
Двата македонски аеродрома ќе бидат поврзани со 10 нови дестинации во зимската сезона, од кои девет ќе бидат управувани од авиокомпанијата „Визер“, со субвенции од Владата. Тоа се летовите од Скопје до Бари и Стокхолм, што ќе започнат на 27 октомври, а на истиот датум ќе започне и воздушната линија од Охрид до Базел. Истиот ден Скопје првпат ќе се поврзе со Мадрид, која е една од најпосакуваните дестинации од страна на нашите патници, а се враќа и линијата до Ларнака. Линијата од Скопје до Женева ќе ја врати авиокомпанијата „Изи џет“ од 3 ноември. Од 15 декември, Скопје ќе се поврзе првпат со Прага, а се враќа и линијата до Келн.
Од ТАВ Македонија најавија три нови авиокомпании од 30 март следната година. Така, на скопскиот аеродром „Визер“ ја враќа линијата до Будимпешта,а истиот ден се отвора и линијата со Неапол. На истиот датум и од охридскиот аеродром ќе се лета до Милано и обратно.
Како што објави АЦВ, во зимската сезона од Скопје ќе се лета до Виена, Белград, Атина, Загреб, Варшава, Франкфурт, Сандефјорд, Гетеборг, Малме, Ајндховен, Брисел, Париз, Дортмунд, Фридрихсхафен, Меминген, Франкфурт Хан, Базел, Нирнберг, Берлин, Милано, Хамбург, Венеција, Братислава, Рим, Баден-Баден, Малта, Болоња, Љубљана, Лондон, Стокхолм, Прага, Штутгард, Ларнака, Келн, Лион, Бари, Мадрид, Женева, Истанбул, Измир, Анталија, Цирих. Додека пак, дестинациите од Охрид се: Цирих, Базел, Дортмунд, Виена, Меминген.
Од ТАВ Македонија велат дека нивниот тим за развој на мрежата на маршрути преговара со авиокомпании за воспоставување директни воздушни врски со Данска, Финска и со Блискиот Исток.
– Од постојните пазари во наредниот период, ќе се фокусираме на поголема поврзаност со Шпанија и Обединетото Кралство – информираше минатата недела генералниот извршен директор Неџат Курт.
Можности за воспоставување нови директни авиолинии се отвораат и со Договорот за редовен воздушен сообраќај со Велика Британија, што го потпишаа вицепремеирот и министер за транспорт Александар Николоски и англискиот министер за воздухопловство, поморство и декарбонизација Киер Метер на 23. месецов во Лондон.
(С.Бл.)












