Денеска се навршуваат точно 81 година откако Скопје ја живее слободата и воедно се сеќава на жртвите што беа дадени за тоа денес да прерасне во современ и модерен град. Тоа е и денот кога на 13 ноември 1944 година борците од Дванаесеттата, Третата, Осмата и од Шеснаесеттата македонска бригада го ослободиле градот од фашистичката окупација. Борбите за конечно ослободување на Скопје започнале утрото на 12 ноември 1944 година, а веќе наредниот ден, во вечерните часови, тоа било слободно.
Најжестоките борби се воделе кај Учителската школа, железничката станица и кај браната „Матка“, бидејќи евентуалните оштетување и уривање на браната ќе го збришеле градот.
Во текот на 12 и на 13 ноември, се развиле жестоки борби. Одделни згради како, на пример, Поштата, по неколкупати преминувале од раце в раце. Во овие борби, голема улога имале диверзантските групи од градот. Веднаш по продорот на единиците на македонската војска, тие се појавиле и ненадејно го нападнале окупаторот в грб. Потоа се поврзале со единиците и вршеле улога на водачи, кои точно ги познавале градот и организацијата на одбраната на окупаторот.
Ноќта меѓу 12 и 13, и на 13 ноември, продолжиле борбите низ цело Скопје. Меѓутоа, окупаторските сили што биле во северниот и во североисточниот дел на Скопје, како и во западниот дел, успеале да се извлечат под заштита на тенковите и да отстапат во правецот кон Качаник. Оние што останале забарикадирани во разни згради, почнале постепено да капитулираат. Најдолго се држеле во Учителската школа и во Поштата, кои капитулирале дури доцна во ноќта на 13 ноември, по што следувало чистење на градот од одделни помали заостанати групи. Во градот имало десетина главни упоришта што ги држеле Германците. Меѓу другите, тоа биле: железничката станица, Офицерскиот дом, Женската гимназија, на местото каде што денеска е Владата, пред Споменикот на ослободителите, а најтешките борби се воделе во зградата на Учителската школа, која била лоцирана кај паркот во Идадија. Големи битки се воделе и на Водно и Матка.
Брзите и силни напади на македонската војска, како и дејствувањето на 20-ина диверзантски групи (3-4 лица), кои ги пресекувале телефонските и телеграфските кабли, ги спречиле Германците да ги разурнат минираните згради што ги бранеле, како и мостовите во Скопје. Со пресекување на каблите, тие го спречиле и минирањето на Камениот мост. Со помош на ударните групи на месното население, македонската војска успеала да ги разбие балистите и фашистите и со тоа да ја зачува хидроцентралата, како и Скопје од евентуална поплава.
Додека единиците на македонските бригади го гонеле непријателот од Скопје, Градскиот народноослободителен одбор, на 13 ноември 1944 година, издал објава за првите мерки преземени од народната власт во ослободено Скопје. За два дена, 400 борци, како влог, ги дале своите животи за ослободувањето на градот.
Ослободувањето на Скопје сите го дочекале со радост и со општа веселба на плоштадот. Сите биле излезени на улиците, а борците, ослободителите биле пречекани со цвеќиња. Се пеело, се играло, се славела победата.
По ова вистинско ослободување, градот почна да живее, да расте и да се развива. И покрај природните катастрофи што го снајдоа во меѓувреме, поплавата во 1962 и земјотресот во 1963 година, со помош на домашната и на меѓународната заедница, последиците бргу беа надминати, а градот продолжи слободно да чекори и да се движи напред.
Во текот на Втората светска војна, за ослободувањето на Скопје, животите ги положиле 4.654 негови граѓани, од кои 956 загинати во битките и 3.698 граѓани како жртви на фашистичкиот терор.
По повод одбележувањето на 81 година од ослободувањето во Втората светска војна, делегации од институции и организации ќе оддадат почит и ќе положат цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел на Алејата на заслужните граѓани и на споменикот „Ослободители на Скопје” на платото пред владината зграда.
На овој ден традиционално, Град Скопје ја доделува наградата „13 Ноември“ на поединци и институции кои со својата работа придонеле за развојот и афирмацијата на главниот град.












