Скопјани останаа и без приватните автобуси

146

Скопјани денеска имаа проблем со јавниот градски превоз. Приватните превозници возеа само од 5:00 до 10:00 часот утрината, па граѓаните  мораа да се задоволат и со оние малку автобуси на ЈСП „Скопје“. Тие постапија како што најавија. По 10:00 часот, прекинаа со работа.

Сè уште не е исплатен долгот кон нив од ЈСП  „Скопје“, па затоа најавија дека и утре ќе возат во истиот термин, само од 5:00 до 10:00 часот. Така ќе биде сè додека не им биде исплатен долгот.

Приватните компании „Јофи бус“, „Вестор транс“ и „Радос компани“, кои редовно сообраќаат во јавниот градски превоз, бараат од ЈСП итна исплата на акумулираниот долг во износ од 170 милиони денари. Според нив, во моментов се достасани 90 милиони денари.

Директорот на ЈСП Скопје, Драги Кушовски, пак, тврди дека долгот кон сите три превозници изнесува околу 60 милиони денари, далеку под сумата што ја посочуваат компаниите.

Приватните превозници велат дека имале договор да се врши исплатата според можностите на ЈСП, но оти досега им е исплатен само мал дел – по 300 илјади денари во четвртокот минатата недела и 10 милиони денари пред пет недели, за стари обврски од март.

 (А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ