Скопјани можеа да пробаат домашно вино, мед, млеко од магаре…

На Саемот за храна кој викендов се одржа во Скопје под мотото „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“, беа претставени производите на голем дел македонски производители на земјоделски производи. Исто така, беше упатена порака дека домашната храна е највкусна и најквалитетна и граѓаните треба повеќе да користат домашни земјоделски производи. Ова го потенцираат и земјоделците, кои велат дека граѓаните можат да бидат сигурни во она што го јадат, зашто кај домашните производи полесно се контролира патот од производителот до пазарот

75

Квалитетни земјоделски производи од домашно производство, како  вино, природни сокови, мед, сирење, млеко од магаре… можеа да се вкусат викендов во Скопје. На Саемот за храна кој се одржа под мотото „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“, беа претставени производите на голем дел македонски производители на земјоделски производи. Исто така, беше упатена порака дека домашната храна е највкусна и најквалитетна и граѓаните треба почесто да ја имаат на своите трпези. Ова го потенцираат и земјоделците, кои велат дека граѓаните можат да бидат сигурни во она што го јадат, зашто кај домашните производи полесно се контролира патот од производителот до пазарот.

– Овој саем ја отсликува македонската историја, место каде што традицијата станува поблиску до секој граѓанин. Тука можете да го вкусите вистинскиот, автентичниот, традиционалниот вкус на македонската храна. Токму оваа храна е произведена на нашите полиња и преработена од рацете на македонските земјоделци – истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на отворањето.

Тој порача дека домашната храна не претставува тренд, туку наше наследство и дека во време кога светот се враќа кон автентичноста и кон природното, државава ги има сите предиспозиции за да биде лидер во производството на квалитетна и традиционална храна.

Осврнувајќи се на кампањата „Македонско најдобро“ за купување домашни земјоделски производи и преработки, Трипуновски рече дека заклучно со октомври, регистрирани и верифицирани се вкупно 272 корисници од кои 121 се земјоделски производители, 40 преработувачи и 111 продажни места.

– Токму оваа бројка говори за заинтересираноста на земјоделците и преработувачите да се вклучат во кампањата и да се доближат до купувачите и да им понудат квалитетен производ – наведе Трипуновски.

Кампањата има за цел да ја подигне свеста кај потрошувачите за важноста од купувањето домашни земјоделски производи и преработки со што ќе се поддржат земјоделците, преработувачите и домашната економија. Преку дигиталната платформа „Македонсконајдобро.мк“ секој граѓанин има информации за производителите и продавачите на земјоделски производи, а истата придонесува и за подобра евиденција на земјоделското производство во земјава.

Саемот го организира здружението „Наша традиција, наша иднина“ со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 

ИЗДВОЕНИ