Скопјанец осомничен за обид за силување на туристка во хотелот каде што работел

Македонски работници во Дубровник често се судираат со законот

1181

Македонец, кој сезонски работи во хотел на островот Колочеп, Хрватска, е во притвор во Дубровник поради сомневање дека се обидел да силува туристка од Британија, објави порталот „Дубровачки дневник“. Судот ја одбил неговата жалба и тој останува во притвор сè до завршување на судењето.

Истражниот судија му одредил притвор на Македонецот, заклучувајќи дека постои основано сомнение и релевантни докази дека тој навистина го сторил кривичното дело за кое се товари, а адвокатот на Македонецот ја обжалил одлуката.  Адвокатот на одбраната во жалбата до второстепениот суд навел дека неговиот клиент е државјанин на земја која не е членка на Европската Унија и во одлуката за притвор „немало ништо посебно што би го оправдало евентуалниот страв дека обвинетиот би можел да ја избегне кривична постапка“, цитираат локалните медиуми. Адвокатот тврдел дека Македонецот презентирал логична одбрана и дека немало опасност од бегство од Хрватска бидејќи имал деловни и семејни врски со Хрватска. Дополнително, адвокатот на одбраната истакнал дека осомничениот е вработен во хотелот каде што е евидентирано кривичното дело и дека веќе имал договор за вработување за 2026 година, како и тоа дека неговата сопруга долго време работи во тој хотел и живее на островот со своето семејство.

Сепак, ваквите наводи на одбраната не биле доволно убедливи за Апелацискиот суд и одлуката за притвор останува во сила. За тоа кривично дело постојат сите елементи што претставуваат „посериозно ниво на сомневање што укажува токму на конкретното лице“, изјавиле од судот. Покрај тоа, деловните и семејните врски на осомничениот од Македонија не се доволно силни за да го задржат на територијата на Република Хрватска, а постои опасност, доколку биде пуштен од притвор, осомничениот да избега и да го спречи завршувањето на кривичната постапка, пренесуваат хрватските медиуми.

Од судот најавиле дека во истрагата ќе биде испрашан и сведок кој бил во друштво на осомничениот, жртвата и нејзината пријателка, исто така државјанка на Велика Британија, вечерта кога се случил обидот за силување.

„Затоа, оправдано е да се заклучи дека пуштањето да се брани од слобода, осомничениот би можел да го злоупотреби да влијае врз сведоците со цел да ја ублажи или да ја отстрани својата кривична одговорност“, заклучил судот во одлуката по жалбата на Македонецот и нагласил дека во Кривичниот законик на Република Хрватска, за оние што имаат сексуални односи со друго лице без негова согласност, може да се изрече казна од три до осум години затвор.

Дубровничката полиција го уапсила македонскиот државјанин пред десетина дена, по пријава на жртвата, британска туристка, која престојувала во хотелот каде што работел осомничениот, известија медиумите пред неколку дена.

Не е прв случај во кој наш државјани е уапсен за кривично дело сторено на дубровничката ривиера. Пред две години, скопјанец бил осуден на година и пол за серија измами, глумел адвокат, избегал од хотел без да плати за сместување, лажел дека посредува за работа во Хрватска. Во мај годинава, пак, 21-годишен прилепчанец вработен во супермаркет се судрил со законот бидејќи сторнирал 50 фискални сметки, а потоа износот од касата си го ставал в џеб. Трговскиот синџир бил оштетен за 6.000 евра, а Македонецот завршил во притвор.

ИЗДВОЕНИ