Студентските средби „Скомрахи“ на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) и годинава во Скопје ги обединуваат студентите од повеќе европски драмски академии. Под мотото „Друг свет“, тие својата креативност, идеи и енергија ќе ги претстават од 5 до 8 ноември на Академската сцена на ФДУ, во Драмскиот и во Албанскиот театар. Публиката ќе има единствена можност да види театарски претстави на студенти од Белгија, Словачка, Турција, Србија заедно со оние на домаќините – студентите на ФДУ.
Во рамки на програмата, на ФДУ ќе се одвиваат и две работилници – на 6 ноември во 14:00 ч. ќе се одржи работилница водена од Катржина Јебава од Академијата за изведувачки уметности – Брно, Чешка, а на 8 ноември во 14:00ч. ќе се одржи работилница водена од Умит Ерлим од Одделот за сценско-изведувачки уметности на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот Малтепе – Истанбул.
– Годинашните „Скомрахи“, целосно конципирани и програмирани од студентите на ФДУ, се инспирирани од желбата да се откријат нови реалности и алтернативни перспективи за уметноста, театарот и за човековото постоење. Под мотото „Друг свет“, фестивалот го истражува просторот помеѓу имагинарното и реалното, границите на телото, идентитетот и сцената. Скомрасите ги повикуваат сите љубители на театарот, уметноста и експерименталниот израз да се приклучат на создавањето на „Друг свет“, започнувајќи од 5 ноември во Драмскиот театар, со изведба на „Луѓе, места и нешта” на Данкан Мекмилан од студентите на ФДУ, посочуваат организаторите.
Средбите годинава се поддржани од ФДУ/УКИМ и Министерството за култура и туризам.
Сите настани се отворени за публиката, со бесплатен влез.












