На скијачките терени на Попова Шапка вчера се одвивала вистинска драма. Полицијата вчера добила пријава за повредено лице на Попова Шапка, кај местото викано „Церипашина“. Имено, 24-годишниот Ф.М.Л. од Данска бил повреден откако го зафатила снежна лавина додека скијал. Среќата била на негова страна кога специјализирана екипа со соодветно возило успеала да го лоцира и да го извлече од снегот.
-Екипа од друштво за спортски и други услуги со специјално возило во 16:10 часот го пронашла лицето Ф.М.Л. (24) од Данска, кој, според пријавеното, бил повреден од снежна лавина додека скијал. По укажаната помош, лицето со амбулантно возило е пренесено во приватна болница во Скопје, информира портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи.
Инаку, вчера од Националниот парк Шар Планина предупредија на внимателност бидејќи забележано било значително зголемување на лавинската опасност.












