Во австриските алпски региони започнува најпрометниот период од годината: зимската сезона е пред врата, а скијачките центри се подготвуваат за прилив на туристи од целиот свет, пишува Heute.at.
Но, без персонал во врвот на туристичката сезона, ништо не функционира, а тоа ги става многу хотели и угостители во голем проблем.
Постои вистинска борба за секој вработен во секторот, а особено е тешко да се најдат сезонски работници, барем во Австрија.
– Дури и пред короната, не беше лесно да се најде квалификуван персонал од Австрија, но сега е уште потешко, објаснува сопственикот на хотел во тиролскиот град Флис во интервју за весникот Heute. Многу келнери ја сменија својата професија за време на пандемијата.
Тој вели дека нема друг избор освен да бара келнери во странство преку Австриската служба за вработување (AMS) за сезоната од 18 декември 2025 година до 6 април 2026 година.
Условите за работа со полно работно време се: соодветно познавање на германскиот јазик, независност и посветеност во работата, љубезност и пожелно работно искуство во послужување храна и пијалоци.
Минималната плата што се нуди е 2.200 евра бруто месечно, со можност за зголемување, како и бесплатно сместување и оброци. Тој вели дека неколку кандидати веќе аплицирале за работата, но засега нема сериозни: „За жал, досега стигнаа само апликации од Мароко, но и тие се нецелосни“, пишува австрискиот портал „Хојте“.












