Животот е скап и тежок, но работиме на тоа инфлацијата да се движи меѓу два и три проценти, а платите да имаат реален нето-раст, изјави премиерот Христијан Мицкоски, кој додаде дека не постои значително девијантно однесување со цените на пазарот.
– Се согласувам со граѓаните дека е скапо и дека се живее тешко, но тоа не е проблем што е создаден сега, туку нешто што трае со децении. Прашањето е дали, како потрошувачи, сакаме да учествуваме во овој процес рамноправно со продавачите – доколку е нешто погрешно декларирано, да го пријавиме, бидејќи има каде да се пријави – рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата досега применувала ад хок мерки, кои, според него, го намалиле растот на инфлацијата. Во моментов, инфлацијата повторно се зголемила и е над три проценти, но целта останува, стабилизација помеѓу два и три проценти.
– Кога ќе се одземат ефектите од инфлацијата, сакаме платите реално да растат со пет-шест проценти. Можеме да го постигнеме тоа со контроли, здрава бизнис-средина, без политички притисоци и со покачување на платите онаму каде што е можно – истакна тој.
Премиерот предупреди дека нема инстант решенија и дека не се случуваат промени прекуноќ.
– Дури и просечната плата да е над 1.000 евра, пак ќе се живее тешко. Но можеме да го ублажиме тоа, и токму тоа го правиме и ќе продолжиме да го правиме – порача Мицкоски.