Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека транзицијата на Европа кон поскапи извори на енергија наместо руски гас ќе го забрза губењето на нејзиниот економски потенцијал и ќе доведе до пад на конкурентноста на Европската Унија.
„На овој начин, Европа се осудува на значително поскапи извори на енергија, што неизбежно ќе има последици за европската економија и ќе доведе до намалување на конкурентноста. Ова само ќе го забрза процесот што веќе е забележан во последните години, а тоа е губење на водечката позиција на европската економија“, рече Песков, одговарајќи на прашање за реакцијата на Кремљ на изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека Европа повеќе нема да зависи од рускиот гас, пренесува РИА Новости.
Тој истакна дека ако Европа го одбие гасот од Русија, ќе биде зависна од извори на енергија кои се поскапи, а понекогаш и значително поскапи, од рускиот гас.
Европскиот совет денес објави дека е постигнат договор со Европскиот парламент за постепено укинување на увозот на руски гас до 2027 година, како дел од напорите за прекинување на енергетската зависност од Русија.
Регулативата претставува правно обврзувачка, постепена забрана за увоз и на течен природен гас (LNG) и на гас преку цевководи од Русија, со целосна забрана од крајот на 2026 година за LNG и есен 2027 година за гасоводите.












