Четирикратниот шампион во Формула 1, Макс Верстапен, исфрли новинар од прес-конференцијата пред Големата награда на Јапонија. Двајцата се во конфликт од крајот на минатата сезона во Абу Даби, кога Ландо Норис ја освои титулата, а Верстапен беше навреден од едно прашање.
Кога виде дека меѓу претставниците на медиумите во Сузуки е и Џајлс Ричардс од „Гардијан“, Макс Верстапен се разбесни и рече дека нема да им се обрати на присутните додека тој не си замине од салата.
- Само минута, нема да зборувам додека не си замине, рече Верстапен, на што Ричардс го праша Холанѓанецот дали е сериозен и дали е тоа поради прашањето што му го поставил на последната трка од минатата сезона, кога дознал дека токму тоа е проблематично за првиот возач на Ред Бул.
- Да, тоа е тоа. Излези, рече Верстапен, по што Џајлс Ричардс излезе, па следуваа прашања од новинарите.
Поминаа неколку месеци, но Макс Верстапен сè уште не му простил на Џајлс Ричардс што, според него, се обидел да го испровоцира во Абу Даби. Како што е познато, Верстапен ја доби таа трка, но сепак ја загуби титулата, бидејќи заостана само два бода зад шампионот Ландо Норис.
Затоа беше прашан дали жали за „инцидентот со Џорџ Расел на трката во Барселона“, кога, барем така изгледаше, возачот на Ред Бул намерно се судри со болидот на Мерцедес и доби казна што го бутна од петтото на десеттото место, а со тоа изгуби девет бода.
- Заборавате сè друго што се случи во мојата сезона. Само ја споменувате Барселона. Знаев дека доаѓа. Сега само глупаво ми се смеете. Не знам. Да, тоа е, во крајна линија, дел од трките. Живеете и учите. Шампионатот има 24 трки. Исто така, добив многу божиќни подароци во вториот дел од сезоната, па можете и тоа да го доведете во прашање, рече тогаш Верстапен.
Оваа сезона, Макс Верстапен освои осум бода во првите две трки од сезоната, откако заврши шести во Австралија, а мораше да го „повлече“ својот болид од патеката во Кина. Засега, лидер во шампионатот е Џорџ Расел со 51 бод, а по него следува неговиот колега од Мерцедес, Кими Антонели, со 47.
Трката за Големата награда на Јапонија е овој викенд, а останува да видиме дали Мерцедес ќе ја продолжи својата доминација во оваа нова ера на Формула 1.











