Премиерот вчера повика на итна одговорност и на системски реформи за да се спречат идни злоупотреби во безбедносните служби, истакнувајќи дека следењето не е прашање на декласификација, туку прашање на зачувување на демократските принципи и на правната држава. Мицкоски нагласи дека мора да има одговорност и дека сите материјали поврзани со незаконското следење му се предадени на Обвинителството. Тој изрази скептицизам кон капацитетите на институциите, но најави дека ќе се следи случајот одблиску и дека нема да се стави под тепих. Според него, вистинското прашање е како да се спречат ваквите злоупотреби и повеќе никогаш да не се повторат
Скандалот со наводното незаконско следење и прислушување на премиерот Христијан Мицкоски, како тогашен опозициски лидер, и на неговото семејство отвори ново поглавје во политичките тензии во земјава, фрлајќи сенка врз функционирањето на безбедносните институции и нивната евентуална злоупотреба за партиски цели. Обвинувањата дека структури блиски до поранешната власт продолжуваат да оперираат во тајните служби, ја разгореа јавната дебата за транспарентноста, одговорноста и за правната држава. Додека Мицкоски бара одговорност и системски промени за ваквите злоупотреби никогаш повеќе да не се повторат, опозицијата, пак, со сомнеж гледа на намерата на власта да не ја објави содржината на прислушуваните материјали, повикувајќи на нивната итна декласификација. Случајот, кој веќе ги вклучи Обвинителството, АНБ и Собранието, сè повеќе се наметнува како тест за институционалната зрелост и за демократскиот капацитет на државава.
Премиерот Мицкоски вчера рече дека се следи и прислушува од 90-тите години и дека една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци блиски до некоја мината власт, оперира со системот. Според премиерот, со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците на таквиот систем не само што уништуваат генерации луѓе туку и ја доведуваат во опасност целата држава, каде што се става безбедносниот систем на тацна. Мицкоски нагласи дека не е прашање дали ќе се декласифицираат материјалите, тука дека е прашање како да се спречи ваквата злоупотреба и повеќе да не се повтори ова.
– На ова сум сведок и јас лично, гледајќи го материјалот поврзан со мене, а богами и со моето семејство. Ајде, разбирам јас, ама децата?! И тука сакам да подвлечам: не е прашањето дали ќе се декласифицираат материјалите, тоа е сосема ирелевантно и на таквите работи гледам како на страв и паника на оние што повикуваат на такво нешто и како на изговор за дефокусирање од вистинските дилеми. А да не зборувам што со тоа се разоткрива и расклинкува цел еден оперативен систем. Вистинското прашање е како да ги спречиме злоупотребите и повеќе да не се повтори ова – рече премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека ќе се случи тоа само и само кога ќе има одговорност.
– А, одговорност мора да има. Сите материјали од институциите и сознанија за незаконското следење му се предадени на Обвинителството. Ги знаеме нивните слаби капацитети и, за жал, ниската доверба во нив, но овој случај ќе го следиме одблиску и само да знаат дека нема да се стави оваа работа под тепих. Ова е прашање на опстојување на државата. И во периодот што следува ќе се одмотува овој Гордиев јазол – истакна Мицкоски.
Повикувањето да се декласифицира документацијата за прислушувањето Мицкоски го гледа како страв и паника на оние што повикуваат на такво нешто и како изговор да се дефокусира јавноста.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и неговата партија бараат декласификација на документацијата поврзана со прислушувањето, бидејќи сметаат дека тоа е единствениот начин за расчистување на случајот.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција упати прашање до владејачката партија, зошто се плаши да декласифицира ако СДСМ прислушувал.
– Им порачуваме јасно и гласно: декласифицирајте! Не чекајте ништо, не одолговлекувајте, не бегајте! Нека видат граѓаните дали бил вистински следен премиерот, кој бил следен, со кого комуницирал тој. Од што се плашите? Дали се плашите дека содржината на овие документи ќе ја разоткрие вистината – врските на премиерот со странски служби од непријателски држави? Дали е точно дека оперативната обработка, која ја воделе АР и АНБ, а која власта упорно одбива да ја декласифицира, се однесува на откривање руски агентурни мрежи, екстремизам и финансирање на дестабилизација на државата? Дали е точно дека Мицкоски, иако не бил цел на следење, влетал во комуникација со лица што работат на дестабилизација на Македонија, финансирани со странски пари? И најважно, дали дел од тие финансии завршиле лично кај Христијан Мицкоски или во сефовите на Белата палата? – рече Кузеска на партиска прес-конференција.
Претходно, изминатиот викенд, ексдиректорот на АНБ, Виктор Димовски, во интервју за „360“, демантира дека се злоупотребувале ресурсите на Агенцијата. Тој рече дека премиерот Мицкоски не бил организирано следен од Агенцијата за национална безбедност, но дека не може да тврди дека неговото име не се споменува во некои разузнавачки списи. Димовски демантира дека имало и организирано следење на ВМРО-ДПМНЕ, иако признава дека, по инцидентите во Собранието, во пресрет на големи настани, се вршеле серија проверки во кои, можеби, имало партиски функционери, но, како што рече, тоа не било организирано. И тој како и опозицискиот СДСМ бара да се декласифицираат документите.
Од владејачката партија, пак, ја обвинија опозицијата дека признала дека го следела премиерот.
– СДС призна дека пет години го следел претседателот Мицкоски. Тоа значи дека не само тој туку и неговото семејство биле предмет на следење на тајните служби. Овие служби наместо да го штитат интегритетот на државата и на граѓаните, биле маша за политичка борба и за притисок на СДС. Главен извршител бил Виктор Димовски и свесен за последиците од признанието на СДС, во паника негира и бега од последиците на своето дејствување. Виктор Димовски многу добро знае што правел и какви кривичноправни последици има тоа. Следењето и прислушувањето не би биле можни без директна дозвола од Зоран Заев, затоа што во целиот систем бил вклучен и Љупчо Коцевски од ЈО, кој подоцна е избран за републички ЈО и Врховниот суд – рече на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, пак, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека сега на потег е Обвинителството, кое треба да си ја заврши својата работа.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, во петокот попладне соопштија дека седницата на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, која првично беше закажана за тој ден, по договор на пратеничките групи преку координативен состанок, ќе се одржи в среда. За тој ден е предвидена и надзорна посета во просториите на Агенцијата за национална безбедност.
Надзорната посета во просториите на АНБ не се реализираше во петокот поради пропусти во почитувањето на Деловникот.
Истовремено, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) започна предистражна постапка по повод наводите за незаконско прислушување. На 5 септември, обвинители и истражители од ОЈО ГОКК извршиле увид во Агенцијата за национална безбедност, при што била договорена динамиката за спроведување на увидот во документацијата со која располага АНБ, а која се однесува на наводите содржани во известувањата доставени до ОЈО ГОКК. Со оглед на тоа што станува збор за обемна и сензитивна документација, увидот ќе трае во наредниот период, а ќе се преземаат и други предистражни дејства.
Аферата за незаконско прислушување ја отвори актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, кој откри сериозни злоупотреби на службената положба во тајните служби. Според информациите, група вработени во АНБ, предводени од поранешен директор, незаконски спроведувале оперативна обработка, не само врз тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, туку и врз повеќе високи државни функционери, обвинители, новинари и медиуми. Ова откритие предизвика политички реакции и повици за одговорност. (В.С.Н.)