Скандал за време на прес-конференција: На прашање за Епстин, Трамп ѝ се обрати на новинарката со: „Тивко, тивко, свинче“ /видео

1830

Фразата „досиеја на Епштајн“ ја прогонува администрацијата на Трамп со месеци, додека се бори со растечката криза околу злосторствата на починатиот осуден сексуален престапник и финансиер Џефри Епстин. Под зголемен притисок од поддржувачите и членовите на неговата партија кои бараа поголема транспарентност, претседателот Доналд Трамп го смени курсот.

По неколку недели противење, тој сега ги повика републиканците во Претставничкиот дом да гласаат за објавување на досиејата во јавноста, а се очекува долниот дом на Конгресот денес да ја одобри мерката, објавува „Би-би-си“.

Но, неколку дена пред да го промени својот став за објавувањето на досиејата на Епстин, претседателот Доналд Трамп ја нарече новинарката „свинче“ откако таа го праша зошто неговото име е споменато во е-пораките испратени од осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, пренесе „Дејли бист“.

Во 2008 година, Џефри Епстин постигна спогодба со обвинителите откако родителите на 14-годишно девојче пријавија во полицијата во Флорида дека тој ја злоупотребил нивната ќерка во неговата вила во Палм Бич. Потоа беше осуден за подведување малолетничка, регистриран како сексуален престапник и, благодарение на спогодба за признавање на вина, избегна построга затворска казна.

Единаесет години подоцна, тој беше обвинет за водење мрежа од малолетни девојчиња за обезбедување сексуални услуги. Почина во затвор чекајќи судење, а неговата смрт беше прогласена за самоубиство.

За време на тие две кривични истраги, беше собрана огромна колекција документи, вклучувајќи транскрипти од интервјуа со жртви и сведоци и предмети запленети за време на рациите на неговите бројни имоти.

Посебна истрага беше спроведена и против неговата британска соработничка и поранешна девојка Гислен Максвел, која беше осудена во 2021 година за заговор со Епстин за трговија со девојки за сексуални цели. И Епстин и Максвел беа предмет на граѓански тужби.

ИЗДВОЕНИ