петок, февруари 13, 2026
Дома СВЕТ Скандал во полска епахија: Истражната комисија идентификуваше 50 жртви на злоупотреба на...

Скандал во полска епахија: Истражната комисија идентификуваше 50 жртви на злоупотреба на деца и 29 осомничени сторители

34
Фото:википедија

Најмалку 50 малолетници во јужната полска епархија Сосновјец биле жртви на сексуална злоупотреба од страна на лица поврзани со црковни институции, претежно свештеници, во текот на неколку децении, утврди Истражната комисија во таа епархија.

Според независната комисија, 66 проценти од идентификуваните жртви биле девојчиња, додека 96 проценти биле под 15 години во времето на злоупотребата. Останатите четири проценти биле на возраст меѓу 15 и 18 години, објавува полската „ТВП Ворлд“.

Комисијата идентификуваше 29 осомничени сторители, вклучувајќи 23 свештеници од епархијата, еден свештеник поврзан со епархијата, еден монах и четири цивили вработени во црковни структури.

Од 23 обвинети свештеници, шестмина се казнети, четворица починале, тројца моментално се на судење, шестмина се под истрага, додека во четири случаи обвиненијата не се потврдени, се вели во извештајот. Презентирајќи го првиот дел од извештајот подготвен минатата година, комисијата на прес-конференција нагласи дека наодите се почетна точка, а не заклучок, пренесува „Танјуг“.

Групата експерти изјави дека некои од злоупотребите датираат од пред неколку децении, истакнувајќи еден случај од 1971 година кој бил откриен дури во 2019 година. Тие, исто така, ги повикаа другите потенцијални жртви и сведоци да се јават.

Комисијата за разјаснување и санација на чувствителни случаи е основана во 2024 година како независно тело назначено од Црквата, задолжена за истражување на наводите за сексуална злоупотреба на малолетници во епархијата Сосновјец, како и институционалниот одговор на овие случаи.

ИЗДВОЕНИ