Меѓународната агенција за интегритет во тенисот (ITIA) објави дека францускиот тенисер Квентин Фолио е суспендиран од спортот на 20 години. Покрај тоа, Фолио беше казнет со 70.000 долари и му беше наредено да врати коруптивни плаќања во вкупен износ од над 44.000 долари, откако беше откриено дека извршил 27 прекршувања на Програмата за борба против корупцијата во тенисот (TACP).

Истрагата на ITIA откри дека 26-годишниот Фолио бил централна фигура во мрежа на играчи кои дејствувале во име на синдикатот за местење натпревари. Тој е шестиот играч кој е санкциониран како дел од оваа истрага, по случаите на Џејми Флојд-Анџел, Пол Валсеки, Лук Фомба, Лукас Буше и Енцо Римоли.

Фолио, чиј најдобар АТП ранг беше  488 место во август 2022 година, негираше 30 обвиненија поврзани со 11 натпревари помеѓу 2022 и 2024 година, од кои осум ги играше самиот. Обвиненијата вклучуваа местење натпревари, примање пари за да не се вложи максимален напор за обложување, нудење пари на други играчи за местење натпревари, давање внатрешни информации, вклучување во заговорнички акти, одбивање да се соработува со истрагата на ITIA и уништување докази.

Сослушување пред независната антикорупциска службеничка Амани Калифа се одржа на 20 и 21 октомври 2025 година. Таа потврди 27 од 30-те обвиненија, кои се однесуваа на 10 од 11 натпревари. Три обвиненија поврзани со двојниот натпревар од јануари 2024 година беа отфрлени поради недостаток на докази.

Во писмена одлука од 1 декември 2025 година, Калифа го опиша Фолио како „вектор на поширока криминална мрежа, која активно регрутирал други играчи и се обидувал дополнително да ја зацврсти корупцијата на професионалните турнири“.

Отежнувачки фактори, вклучувајќи го и намерното попречување на истрагата на ITIA од страна на Фолио, исто така беа земени предвид при одредувањето на казната.

Фолио беше привремено суспендиран од 17 мај 2024 година, а таа суспензија ќе се смета во вкупниот период на неговата казна. Неговата забрана за тениски активности ќе трае до 16 мај 2044 година, под услов да ги подмири сите финансиски обврски.

За време на суспензијата, Фолио не смее да игра, да тренира или да присуствува на кој било тениски настан под покровителство на членовите на ITIA, вклучувајќи ги ATP, WTA, ITF, Tennis Australia, Француската тениска федерација, Вимблдон и USTA, како и сите национални тениски асоцијации.

 

ИЗДВОЕНИ