среда, февруари 25, 2026
Дома СВЕТ Скандал ја тресе Италија: Полицајци во Рим украле луксузна стока во вредност...

Скандал ја тресе Италија: Полицајци во Рим украле луксузна стока во вредност од 280 илјади евра

32

Дваесет и еден полицаец кои работат на железничката станица Термини во Рим се под истрага поради сомневање за вмешаност во кражба на луксузна облека и парфем од стоковната куќа „Коин“, соопштија властите. Меѓу вкупно 44 лица осомничени за сериозна кражба од страна на римското обвинителство се девет припадници на железничката полиција и 12 карабинери, пишува „Еуроњуз“.

Истрагата беше покрената откако менаџерот на продавницата на улицата Виа Џолити, која работи како дел од познат италијански синџир на луксузни стоки, пријавил недостиг на залихи во износ од 184.000 евра во февруари 2024 година. Оваа сума претставуваше повеќе од десет проценти од приходите на продавницата, што е значително поголемо од вообичаените загуби во другите филијали на истиот синџир. Последователните проверки открија дека недостасуваат дополнителни 94.000 евра стока, од кои 45.000 евра беа само парфеми.

Скапи брендирани артикли – јакни, чанти, кошули, ремени , долна облека , парфеми и козметика – исчезнуваа. Управата, сомнителна, ангажираше приватна агенција за истражни работи за да инсталира дополнителни камери, особено во одделот за машка облека. Според истражителите, токму снимките од овие камери открија шема на однесување. Централна фигура во наводната шема беше нивната вработена, благајничката на продавницата. Истражителите се сомневаат дека таа ги отстранила безбедносните етикети од однапред избрани артикли, ги скрила во близина на касата, а потоа наплатила симболични суми од неколку десетици евра, иако реалната вредност на стоката била многу пати поголема. Наводно, дел од парите од таквите трансакции ги задржала за себе, пишува Еuronews.

Помеѓу септември и декември 2024 година, биле евидентирани околу 90 спорни трансакции. Специјалниот софтвер инсталиран на една од касите дополнително ја потврди разликата помеѓу собраните износи и стоката што ја напуштила продавницата. Меѓу осомничените се членови на железничката полиција и карабинери, вклучувајќи и високи офицери. Сите се преместени на други позиции додека не се заврши постапката. Секој е обвинет за учество во еден или два поединечни случаи. Адвокатот на некои од полицајците тврди дека неговите клиенти учествувале во десетици апсења и заплени на украдена стока во текот на изминатата година и ги отфрла обвиненијата, наведувајќи дека вклучените износи се мали и дека нивната невиност ќе биде докажана.

ИЗДВОЕНИ