Поранешен просветен работник во Франција, Жак Лавегл е уапсен под сомнение дека силувал и сексуално злоставувал најмалку 89 малолетници во Франција и други земји во период од 60 години, објавија француските медиуми, додавајќи дека уапсениот ги признал делата, како и две други убиства, на болна мајка и тетка.
Лавегл (79), од областа Гренобл во југоисточна Франција, признал дека извршил десетици силувања и сексуални напади помеѓу 1967 и 2022 година, и дека судството досега идентификувало 89 жртви, вклучувајќи момчиња и девојчиња на возраст од 15 до 17 години.
Обвинителството и жандармеријата издадоа јавен повик за сведоци, бидејќи се сомнева дека може да има повеќе жртви.
Целиот случај излезе на виделина во октомври 2023 година кога внукот на осомничениот пронашол USB-уред со фотографии и приказни за тоа како Левегл имал сексуални односи со малолетници.
Левегл предавал во Франција, Швајцарија, Германија, Португалија, Мароко, Алжир и Нигер, меѓу другите земји. Тој бил едукатор, односно предавал во училишта и летни кампови.
Осомничениот, кој ги признал своите злосторства во писмена форма, рекол дека тоа било дел од „образовниот пат“, објавија медиумите, додавајќи дека некои од случаите се застарени, па затоа нема да му се суди за нив.
Во своето писмено признание за своите злосторства, тој признал и две убиства, односно ја убил својата болна мајка во 1974 година, а потоа и неговата тетка, сестра на неговата мајка, во 1992 година, задушувајќи ги со перница додека спиеле.
Тој самиот рекол дека би сакал истото да му се направи ако се разболи, објавија медиумите, додавајќи дека судењето треба да започне откако ќе се соберат доказите.












