Црна Гора цел месец ја тресе афера со експлицитни снимки на кои, наводно, се државните службеници Дејан Вукшиќ и Мирјана Пајковиќ, кои по нивната објава поднесоа оставки, објаснувајќи ги со „лични причини“.
Откако снимките ѝ станаа достапни на јавноста, таа сега се забавува со нивните меѓусебни обвинувања, кривичните пријави, па дури и со заканите кои биле упатени од фиксниот телефон од канцеларијата на претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.
Вукшиќ до неодамна беше директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), пред тоа беше советник на претседателот Милатовиќ, а сега сакаше да се кандидира за уставен судија. Од функцијата во АНБ тој даде оставка кон крајот на минатата година, кога Пајковиќ поднесе кривична пријава против него за неовластено дистрибуирање експлицитна содржина – фотографија од неа. Пајковиќ, пак, од функцијата државен секретар во Министерството за човекови и малцински права се откажа во петокот, откако видеа со експлицитна сексуална содржина беа раширени во јавноста.
Вукшиќ негира каква било вмешаност во појавувањето на експлицитни снимки на интернет. Сепак, тој наведува дека во октомври 2024 година, Пајковиќ му го украла мобилниот телефон, кој потоа бил злоупотребен, со што „грубо ја нарушила неговата приватност“. Тој тврди дека затоа е направена контроверзната аудиоснимка од Кабинетот на претседателот, каде што се слуша како ѝ се заканува.












