„Сивиар ведер Јуроп“: По пеколното лето, на Балканот се враќа старата остра зима со многу студ и снег

551

Додека летото уште на самиот почеток почна да ја пржи Европа, првите сигнали за претстојната зима во светот покажуваат дека, многу веројатно, нè очекуваат постудени денови и почести снежни врнежи, особено во Европа и во делови на Балканот. Главната причина за тоа е што шансите се на страната на тоа дека таканаречениот поларен вител оваа зима ќе биде послаб од обично, што би значело динамично време и поостра зима од обично.

Кога е ослабена циркулацијата во повисоките слоеви на атмосферата, доаѓа до нарушување во млазните струи, кои го држат ладниот воздух на север. Кога ќе ослабат тие бариери, ладниот арктички воздух полесно се спушта кон Европа, носејќи ледени бранови, снег и температури под просекот, објаснето е во големиот извештај на „Сивиар ведер Јуроп“. Замислете го тоа како капак што веќе не го држи студот на север, па тој се шири таму каде што обично не го очекуваме во толкава мера, пишува „Нова“.

Океанските струи во моментов покажуваат знаци на преминување во ладната фаза позната како Ла Ниња. Таквата ситуација во минатото често беше поврзувана со зимите во кои имаше повеќе снег и поизразени студени бранови во Европа. Според прогнозата на „Сивиар ведер Јуроп“, високо над екваторот ветровите влегле во фаза што го олеснува преносот на енергија од долните атмосферски слоеви кон повисоките, што може дополнително да го ослаби системот што го држи студот затворен на север. Ваквите промени често им претходат на продорите на студен воздух и на снег.

Најновите сателитски мерења покажуваат дека количеството мраз во Баренцовото и во Карското Море е значително помало од обично. Тоа дополнително ја дестабилизира атмосферата над северните краеви, отворајќи му ја вратата на студот да тргне кон југ.

Иако се ова рани сигнали, историјата ни покажува дека во вакви години вистинските студени бранови доаѓаат во јануари и во февруари. Ако продолжат најавените промени во атмосферата и во океаните со ова темпо, Балканот може да очекува повеќе снег и значително постудени периоди од претходните неколку години.

Но, времето не е математика и иако сите овие фактори укажуваат на поостра зима, секогаш има простор за изненадување.

ИЗДВОЕНИ