Веќе со месеци ситуацијата во Србија, каде што студентите низ целата земја одржуваат протести против актуелната Влада, не се смирува. Овој пат јавноста беше потресена од видео што се појави на социјалните мрежи и на кое се гледа апсењето на поранешниот српски репрезентативец Владимир Штимац. Пред неколку дена беше одбележана годишнината од трагедијата што се случи во Нови Сад, кога загинаа 16 лица при уривањето натстрешница.
Студентите организираа огромен протест во Нови Сад, каде што им се придружија многу граѓани, кои бараат некој да биде одговорен за трагедијата, а првенствено бараат актуелната Влада, предводена од Александар Вучиќ, да поднесе оставка.
Студентските протести траат речиси една година и добија голема поддршка од многу јавни личности. Најмногу се издвојува поранешниот српски кошаркар Владимир Штимац, кој е најгласен во борбата против Вучиќ и режимот. Тој апелираше преку социјалните мрежи луѓето да дојдат во Белград во голем број за да ја поддржат Дијана Хрка, мајката на една од жртвите на трагедијата во Нови Сад, која пред неколку дена започна штрајк со глад.
Svi za Beograd! pic.twitter.com/TWf7BSHr6D
— Vladimir Štimac (@stimac15) November 2, 2025
Самиот Штимац беше на протестот, но немаше поим дека ќе биде уапсен. Имено, на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како го апсат на неубав начин, пред зградата на РТС, што предизвика големо незадоволство.
Српското Министерство за внатрешни работи потврди дека се приведени вкупно 37 лица што наводно учествувале во нарушување на јавниот ред и мир и предизвикување инциденти пред Собранието.
Пред српското Собрание се случи инцидент во кој еден млад човек, кој дојде на протестот за да ги поддржат студентите, беше нападнат.
Се појавија информации дека бил нападнат од луѓе што дошле од шаторската населба Чациленд. Тоа предизвика бунт кај Штимац, кој упати жестока порака кон Вучиќ.
- Се лигавиш, вака ли се извинуваш? Лажливец! – порача Штимац.
Очигледно, таа порака на социјалните мрежи привлече големо внимание, бидејќи поранешниот српски кошаркар беше уапсен недолго потоа.












