Ситуацијата во Србија ескалира, се огласи Амбасадата на САД – на Американците во Белград им препорача да направат резерви од храна и вода, а ако треба, да градат и засолништа

996

Девет месеци од почетокот на студентските блокади и протести, ситуацијата во Србија станува сè посложена. Студентите вчера повикаа на продолжување на граѓанската непослушност и блокада на клучните патишта во Белград и во други делови од Србија, кои продолжија и вчера изутрина откако во неделата вечерта почнаа да ги блокираат патиштата поради апсењето на нивни колеги. Српските власти изразија сомнеж дека осуммина студенти подготвуваат кривични дела против уставниот поредок.

Поради немирите во Белград, Амбасадата на САД во Србија издаде предупредување до своите граѓани да ги избегнуваат областите каде што ќе се одржуваат големи протести во главниот град.

– Ако се најдете во близина на собири или насилни ситуации, веднаш напуштете ја областа. Ако не сте во можност да заминете, пронајдете безбедно место за засолниште – соопшти Амбасадата на САД во безбедносното предупредување објавено на својата веб-страница.

Тие, исто така, им препорачаа на своите граѓани да ги следат локалните медиуми и да обезбедат доволно количество храна и вода во случај да ескалира ситуацијата. Амбасадата, исто така, препорачува граѓаните секогаш да бидат подготвени за евентуална евакуација, а ако не е можно тоа, тогаш да изградат засолништа.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, се огласи од Севиља, каде што учествува на меѓународна конференција за финансирање на развојот. Тој рече дека полицијата реагирала „апсолутно професионално“ на граѓанските блокади во неделата и вчера изутрина.  Тој истакна дека државата има доволно сила, но дека полицијата е под голем притисок и ги отфрли тврдењата дека полицијата дејствувала насилно, велејќи дека тоа се „гнасни лаги и глупости“.

 

ИЗДВОЕНИ