
Лесно може да се случи денешниот дуел од шетото коло во најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони, протрив англискиот премиерлигаш Манчестер Сити, да биде последен за Чаби Алонсо како тренер на шпанскиот гигант Реал (М).
Најтрофејниот клуб во ЛШ веќе со недели го „тресе“ голема криза, што поради остварените резултати во Ла Лига, но и поради големата тензија која постои помеѓу неколку фудбалери и шефот на стручниот штаб.
Не е тајна дека Алонсо е во „тивка“ војна со Винисиус Жуниор, Џуд Белингам, Ендрик и Родриго, па затоа шпанските медиуми се убедени дека во случај на негативен резултат на „Сантијаго Бернабеу“ можно е излезната врата да му биде покажана на трофејниот стручњак.
-Никогаш не е лесно да се игра во Мадрид. Не ја искористивме шансата која ја имавме против Леверкузен, да се доближиме до местата кои водат директно во 1/8 финалето. Сепак, имаме уште три натпревари, три шанси да ги освоиме потребните бодови. Се надевам дека ќе го наметнеме нашиот стил на игра, дека ќе играме како што знаеме. Секогаш сакам, кога се игра на големата сцена, да играме како што ние знаеме, изјави менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола.
Актуелниот шампион на Италија, тимот на Наполи, ќе гостува во Португалија, каде за противник ќе го има незгодниот тим на Бенфика. После 90 минутниот настап против Јувентус, големи се шансите, повторно место во првиот тим да добие репрезентативецот на Македонија, Елиф Елмас.
ДЕНЕСКА НА ПРОГРАМАТА: Карабах – Ајакс, Вилјареал – Копенхаген, Атлетик Б. – ПСЖ, Леверкузен – Њукасл, Бенфика – Наполи, Борусија Д. – Бодо/Глимт, Клуб Бриж – Арсенал, Јувентус – Пафос, Реал (М) – Манчестер С.











