Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја има намера да нарача 27 системи за воздушна одбрана „Патриот“ од американски производители за да ја зајакне одбраната на земјата од руските воздушни напади.
Во интервју за „Гардијан“, Зеленски, исто така, рече дека европските земји би можеле да ги префрлат своите системи „Патриот“ во Киев.
Тој рече дека рускиот претседател Владимир Путин наредува „терористички напади“ врз енергетскиот систем на Украина, убивајќи цивили и оставајќи луѓе без електрична енергија и вода.
Украинскиот претседател рече дека целиот свет се плаши од американскиот претседател Доналд Трамп, но не и тој, и ги негираше тврдењата дека Трамп ги фрлил картите со фронтовските линии во Украина за време на нивниот бурен состанок во октомври во Белата куќа, кога очекувал да добие американски крстосувачки ракети „Томахавк“.
„Тој не фрли ништо. Сигурен сум“, им рече Зеленски на новинарите во Киев, опишувајќи го својот однос со Трамп како „нормален“, „деловен“ и „конструктивен“, објави денес „Гардијан“.
Како што објавија медиумите по состанокот, Трамп наводно вршел притисок врз Зеленски да ги прифати максималистичките услови на рускиот претседател Владимир Путин за прекин на војната и му рекол на Зеленски дека рускиот лидер ќе ја „уништи“ Украина ако не се согласи со условите на Путин.












