Од почетокот на инвазијата врз Украина, најмалку 75 члена на руската елита го загубија животот. Професорот Џефри Винтерс, политиколог од Универзитетот во Илиноис, автор на книгата „Олигарси“, истакнува дека е речиси невозможно да се убијат богати луѓе во Русија без одлука на државата. – Ова се милијардери со телохранители, со пристап до најдобрата медицинска нега, со приватни возачи, со сите најдобри услови за заштита што може да се купат со пари. Не можам директно да кажам, но се чини логично дека ги трга истата рака што им овозможила да станат богати, влијателни или високо политички позиционирани – вели тој. Многу луѓе не веруваат дека влијателните луѓе се толку невнимателни или психички лабилни
Иако поради затвореноста на Русија не се знае точниот број, според западните агенции и руските активисти, повеќе од 75 важни личности од политичките, воените и од деловните кругови на Русија починале под сомнителни или необјаснети околности откако почна инвазијата врз Украина во февруари 2022 година. Меѓу луѓето чија смрт се смета за сомнителна има олигарси, политичари, воени функционери и луѓе поврзани со државните структури. Аналитичарите велат дека причините за ова се сложени, но, исто така, и дека се типични за руската висока политика, пишува „Јутарњи“.
По секое губење на член на елитата, официјална Москва објавуваше дека се работи за самоубиство, пад од прозорец, случајно труење, срцев удар или за насилна смрт во семејна трагедија. Најнов таков случај е оној со министерот за транспорт, Роман Старовојт, кој наводно се самоубил по еден ден откако, на почетокот од месецов, Путин го разреши поради проневера, која ја извршил претходно, како гувернер на Курската област. Неговото тело беше пронајдено во московскиот округ Одинцово, каде што живеат многу членови на елитата, а руските медиуми објавија дека извршил самоубиство во парк, со пиштол што го добил од претседателот Путин.
Претходно имаше повеќе смртни случаи објаснети претежно како самоубиства или несреќи, а заедничко за сите е што тие луѓе на некој начин се замериле со Путин. Во 2023 година, во авионска несреќа, загина водачот на руската платеничка војска „Вагнер“, Евгениј Пригожин. Несреќата се случи по два месеца откако Пригожин и „Вагнер“ почнаа бунт против Путин. „Вагнер“ веќе не постои.
„Лукоил“ беше една од ретките компании во Русија што на почетокот срамежливо се изјасни против инвазијата врз Украина, објаснувајќи дека таквата војна ќе ја ослаби економијата. Неговиот претседател, Равил Маганов, почина откако наводно паднал од прозорец од болница во Москва. Списокот на „паднати од прозорец“ продолжува со олигархот Павел Антов и со Марина Јанкина, финансиската директорка на Западниот воен округ. Самоубиство со бесење извршија: Сергеј Протошења, поранешниот извршен директор на „Новатек“; вишиот менаџер во „Газпром“ – Александар Тјуљаков и Роман Малик, полковникот задолжен за мобилизација.
Серијата продолжува со задушување во када, давење во базен, паѓање по скали, а најчесто наведувана причина за смрт е срцев удар. Руските медиуми никогаш не истражуваа што стои зад толку големиот број смртни случаи на влијателни луѓе, а официјална Москва само изразуваше сочувство и ги игнорираше прашањата на западните медиуми. Руските професори и аналитичари што избегаа на Запад, генерално се плашат да коментираат за овие смртни случаи јавно. Сепак, сугерираат дека тие се резултат на сложени борби за моќ, контрола врз ресурсите и јасно и брзо отстранување на потенцијалните закани за режимот. Сето ова создава дополнителна атмосфера на страв и несигурност во рамките на елитата, што дополнително ја зацврстува авторитарната контрола и одвраќа од спротивставување на режимот.
Во оваа смисла, анализира „Јутарњи“, сомнителните смртни случаи служат и како предупредување за оние што би можеле да бидат дисиденти или закана. Во тој правец размислува и професорот Џефри Винтерс, политиколог од Универзитетот во Илиноис, автор на книгата „Олигарси“, кој истакнува дека е речиси невозможно да се убијат богати луѓе во Русија без одлука на државата.
– Ова се милијардери со телохранители, со пристап до најдобрата медицинска нега, со приватни возачи, со сите најдобри услови за заштита што може да се купат со пари. Не можам директно да кажам, но се чини логично дека ги трга истата рака што им овозможила да станат богати, влијателни или високо политички позиционирани – вели тој.
Украина ги користи сите овие сомнителни смртни случаи за да предупреди за неодговорноста и бездушноста на рускиот режим и за да му разјасни на Западот против што, всушност, се борат Украинците. Советникот на украинскиот претседател, Михаил Подољак, изјави дека во Русија нелојалноста значи смрт.
Но, според Би-би-си, „синдромот на смрт на Русите“, како што ги нарекува овие случаи, не почнал во текот на инвазијата врз Украина. И пред тоа, 38 смртни случаи на деловни луѓе што во некој момент биле блиски до Кремљ биле објаснети со несреќни и мистериозни околности. Најпознат меѓу нив е случајот со олигархот Борис Березовски, кој изврши самоубиство во својот дом во близина на Лондон. Британските истражители не пронајдоа докази за насилна смрт, но во просторот на социјалните мрежи многумина не поверуваа во тоа објаснување, исто како што ни денеска многу луѓе не веруваат дека влијателните и богати луѓе се толку невнимателни или психолошки лабилни.