Во земјава има 2 илјади регистрирани депонии, а не им се знае бројот на оние нерегистрираните. Статистичките податоци велат дека за 10 години, на локалните ѓубришта, кои често се опожаруваат, во потоците, реките, природата завршиле околу 150 илјади тони комунален отпад. Последниве две години се размрдаа работите и во план е изградба на пет регионални депонии, но локалното население дава отпор за нивна изградба.

Екологистите сметаат дека граѓаните што живеат во близина на местата предвидени за регионални депонии, не треба да имаат одбивност кон нивно градење, затоа што ќе работат по европски стандарди и нема да загадуваат  

 

Повеќе од дваесет години се зборува за изградба на регионални депонии според европски стандарди, кои ќе го селектираат и преработуваат ѓубрето. Наместо тоа, во земјава никнаа над 2 илјади диви депонии. Овој број се однесува на регистрираните диви депонии, но не знаме колку илјади нерегистрирани депонии има на територијата на Македонија.

Педантните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во периодот од 2013 до 2023 година, од комуналните претпријатија во земјава биле собрани 8.610.019 тони комунален отпад, период во кој биле создадени 8.756.623 тони, што покажува дека 146.604 тони завршиле на локалните ѓубришта, кои често се опожаруваат, во потоците, реките, природата.

Сето ова покажува дека е неопходно да се изградат депонии, каде ќе оди целиот отпад. Покрај дведецениските заложби за тоа, поконкретна одлука беше донесена во јануари 2023 година, кога беше потпишан договор со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за финансирање на изградбата на пет регионални депонии, и тоа, „Дрисла“ за Скопскиот Регион, „Мегленци“ за Пелагонискиот и за Југозападниот, „Русино“ за Полошкиот, „Добрашинци“ за Вардарскиот и за Југоисточниот, како и „Мечкуевци“ за Источниот и за Североисточниот регион. ЕБОР одобри заем од 55 милиони евра, а истовремено Европската комисија додели грант од 22 милиони евра.

И откако се зголемија очекувањата дека, конечно, Македонија ќе почне да наоѓа системско решение за отпадот (беа објавени тендери за изградба, почна набавка на опрема и се подготвуваше потребната документација), се јави отпор кај локалното население во близина на локациите каде што се планира изградбата на регионалните депонии. Имаше најави за референдуми за одложување на градењето, се бараше менување на локациите затоа што никој не сака депонија во своја близина, иако сите создаваме отпад, кој мора некаде да се одложи.

Така, требаше да биде исчистена светиниколската депонија, која е рид од ѓубре на патот кон селата Немањица, Мечкуевци и Куково, до март 2024 година, но наместо тоа, локалните жители споделуваат фотографии на социјалните мрежи дека и понатаму се дотура отпад, дека депонијата чади и насекаде се гледаат расфрлани најлончиња. За да се затвори депонијата, потребно е да се изгради регионалната депонија кај Мечкуевци, на десетина километри источно и во која треба да се преработува отпадот од 18 општини. Локалната власт на Свети Николе во 2021 година побара да се смени локацијата, најавувајќи и референдум за изјаснување на населението дали сака регионална депонија. Откако беше потпишан договорот со ЕБОР за финансирање на регионалните депонии, Владата ѝ ги одзеде ингеренциите на Општината да одлучува, по што беше распишан тендер. Населението и натаму не верува дека депонијата ќе работи според европски стандарди и дека нема да загадува.

Во 2017 година се одржа референдум заедно со локалните избори, на кој жителите на Дебрца во големо мнозинство се изјаснија против депонија за Југозападниот Регион на нивната општина. Три години подоцна, и неготинци подготвија референдум против планот да се носи отпадот од Вардарскиот Регион во регионална депонија. Референдумот не се одржа, но, исто така, пропадна и планот за регионална депонија.

Општините од Југозападниот Регион треба да го носат ѓубрето во битолско Мегленци, заедно со Пелагонискиот. Во март годинава се одржа голем протест пред зградата на Општина Битола, жителите побараа новата регионална депонија, која ќе се гради за депонирање смет од 18 општини од Југозападниот и од Пелагонискиот Регион, да не биде во близина на Битола. Според проектот, таа треба да биде сместена во рудникот „Суводол“, на територијата на Општина Новаци, што е на оддалеченост од 18 километри од градот. Битолчани рекоа дека им е доста од загадувањето од РЕК, па не сакаат уште една еколошка бомба во своја близина.

СО РЕГИОНАЛНИТЕ ДЕПОНИИ ЌЕ ИСЧИСТИМЕ 35 ГОДИНИ ПАСИВНОСТ

Гордана Софија и Јоханес Јекл, екологисти и идејни творци на „Мен ена маунтен“ под чија палка се одржува големата еколошка акција „Генералка викенд“, велат дека граѓаните што живеат во близина на местата предвидени за регионални депонии, не треба да имаат одбивност кон нивно градење.

– Верувам дека граѓаните на Македонија сакаат да живеат во чиста средина, а не во опкружување полно со отпад. Регионалните депонии треба да бидат дел од нашата реалност. Ситуацијата е таква што во Македонија само една депонија има лиценца. Ако ги земаат и ги користат парите од граѓаните на Европската Унија за градење легални депонии, властите треба да ги соберат сите мали депонии и сето тоа да биде централизирано, да се управува од едно место и да се менаџира согласно со европските стандарди. Што има погрешно во тоа? Тоа е навистина добро. Треба да имаме на ум дека треба да исчистиме 35 години пасивност, а тоа бара многу работа и посветеност, многу загриженост и многу проблеми, но тоа е единствениот начин да го извадиме ѓубрето од нашата животна средина – нагласува Јекл.

Тој смета дека со изградбата на регионални депонии приказната не завршува.

– Крајот на приказната треба да биде само ако 10 проценти од вкупното ѓубре заврши на депонија, а 90 проценти од отпадот да го искористиме за креирање енергија (метан гас), мислам на органско ѓубре, што е повеќе од третина од вкупното ѓубре. Другиот отпад, како пластика, стакло, хартија, може да генерира доволно пари за да се финансираа целиот комунален систем. Вакви депонии има во многу европски градови и населението не прави проблеми, затоа што процесот е целосно чист. Такви депонии ни требаат во Скопје, Битола, како и во Охридскиот Регион, како клучни региони и, можеби, регионот на Полог. Доколку сериозно размислуваме за решавање на проблемот во Македонија, тоа се чекорите што треба да се направат. Прво, регионални депонии што ќе бидат строго контролирани и второ, креирање енергија од отпадот. Вложените пари во вакви центри за селекција на отпадот ќе им се вратат на граѓаните преку чиста околина – потенцира Јекл.

Според него, не е научна фантастика Македонија да стане чиста.

– Тоа е мала држава, каде што секој со секого се знае и за кратко време може да се реши проблемот, само ако сите институции имаат иста цел – дециден е Јекл.

Гордана Софија дополнува дека е потребна кампања од Владата, да претстави како ќе изгледаат овие депонии.

– Иако името им е депонија, тоа е затворен систем каде што сè е селектирано, сè е сложено, ништо не лета надвор, ништо не оди во почвата, ништо не гори во воздухот. Треба да им покаже на граѓаните дека ќе се работи според европски стандарди. На пример, во Новаци е стопирано градењето затоа што граѓаните не се информирани. Ако се изгради по европски стандарди, а од она што го видовме, се европски стандарди, тогаш останува прашањето дали сакаат граѓаните да останат со отворени ѓубришта, каде што сè ќе оди во почвата, во водата… или сакаме затворен,  контролиран систем на менаџирање на отпадот.  Истото важи за Свети Николе, Мечкуевци, секаде каде што сакаат да изградат. Само се потребни барем неколку месеци добра кампања да се информираат граѓаните, инаку вака ќе имаме застој. Во Австрија, на пример, не може да се забележи местото каде што има депонија. Во помалите населени места, тоа се како мали фабрики, а кај нас бауч, страшно, дури и во „Дрисла“, која е сертифицирана депонија, е страшно – потенцира Софија.

ОСУМНАЕСЕТ ОПШТИНИ ЌЕ ДОБИЈАТ МЕХАНИЗАЦИЈА ЗА КОМУНАЛЕН ОТПАД

Националниот план за управување со отпад од 2021 година предвидува систем од пет локации за депонии. За три веќе има тендери, а за две се подготвува документација. Системот предвидува и претоварни станици на повеќе места, набавка на нови камиони за комуналните претпријатија, како и нови канти и контејнери, по принципот на „сува“ и „мокра“ канта, односно еден сад за пластика, метал, хартија и сè што може да се рециклира, а друг за биолошкиот отпад што ќе се депонира. Дополнителната селекција ќе се врши во регионалните центри.

Деновиве, општините од Југозападниот и од Пелагонискиот Регион ќе добијат 83 возила за комунален отпад и друг вид опрема за комунален отпад. Целта е да се воспостави современ функционален и еколошки безбеден систем за управување со отпадот по европски стандарди. Договорите за набавката на опрема во вредност од 10,7 милиони евра беа потпишани во Владата. Набавката е дел од реализацијата на Регионалниот проект за управување со цврст отпад.

Министерот за животна средина и просторно планирање и прв вицепремиер, Изет Меџити, изјави дека станува збор за најголемата комунална набавка, со која 18 општини ќе добијат механизација за собирање, транспорт и одлагање на отпадот.

– Се обезбедува сеопфатна механизација: контејнери, канти, специјализирани камиони, скип-лифтови и кипер возила, сѐ што е потребно за ефикасно собирање, транспорт и одлагање на отпадот од страна на комуналните претпријатија во општините, во согласност со европските стандарди – рече Меџити.

Синиша Петровиќ од фирмата „Синпекс“ – Битола рече дека со проектот, 83 возила ќе добијат комуналните претпријатија во општините во југозападна Македонија, Дебар, Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Кичево… со што, потенцираше, драматично ќе се зголемат капацитетите во оваа област.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ