Сите повредени и семејствата на жртвите од пожарот во Кран-Монтана ќе добијат по 10.000 франци

19
EPA/JEAN-CHRISTOPHE BOTT

Сите повредени лица и семејствата на загинатите во пожарот во барот на новогодишната ноќ во ски-центарот Кран-Монтана ќе добијат 10.000 франци (околу 10.740 евра), објавија властите на швајцарскиот кантон Вале.

„За секоја жртва што била хоспитализирана или починала ќе биде обезбедена паушална сума од 10.000 швајцарски франци“, објавија властите на овој швајцарски кантон.

Во соопштението се вели дека станува збор за итна еднократна помош за жртвите од трагедијата во која загинаа 40 лица, а 116 беа повредени.

Отворена е посебна сметка за собирање средства на барање на поединци и организации кои сакаат да донираат пари, а Федералната администрација објави дека планира да формира независна фондација за управување и распределба на собраните средства.

Кантонот Вале, како што е најавено, ќе контактира со 156 лица од 19 земји, вклучувајќи ги Швајцарија, Франција и Италија.

Покрај тоа, донесена е одлука за забрана на употреба на пиротехнички средства на места отворени за јавноста.

„Одлучивме да ја забраниме употребата на пиротехнички средства на места отворени за јавноста“, соопшти кантоналната влада Вале.

Кантонот Вале воведе слична забрана минатата недела по смртоносниот пожар во Кран-Монтана, објави „Свис Инфо“.

ИЗДВОЕНИ