Сите очи се вперени во Алјаска оваа недела, бидејќи средбата меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, би можела да биде одлучувачки чекор кон завршување на војната во Украина, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, по разговорите со рускиот вицепремиер Денис Мантуров.
„Денес разговарав со рускиот вицепремиер Денис Мантуров за политичките околности пред самитот. Ја потврдив позицијата на Унгарија: војната ќе се реши, не на бојното поле, туку на преговарачката маса“, напиша Сијарто на Платформа X во понеделник.
Според него, договорот меѓу САД и Русија нуди најдобра шанса за мир и затоа Унгарија ја поздравува средбата на двајцата претседатели.
„Секогаш сме повикувале на прекин на огнот, мировни преговори и одржување на отворени дипломатски канали, дури и кога за тоа сме биле критикувани од европски и поранешни американски политички лидери“, нагласи Сијарто.
Како што рече, за жал, провоените политичари во ЕУ го користат секој ден до петок за да го поткопаат патот кон мирот и да го саботираат успехот на средбата меѓу Трамп и Путин.
„Унгарија сака самитот да успее, ќе ја обезбеди целата потребна поддршка и ќе направи сè за да ги спречи обидите за негово блокирање или саботирање“, нагласи Сијарто, пренесува Танјуг.