Додека светот се бори да ги разбере последиците од драматичниот конфликт меѓу Израел, Иран и САД, сите три страни прогласија победа.
Досега, ниту една страна не покажува подготвеност за компромис. Американскиот претседател Доналд Трамп користи наратив за победа за да ја зацврсти својата политичка позиција, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху балансира меѓу домашните притисоци и потребата да остане во корист на Вашингтон.
Иран, иако е нападнат и изолиран, ја користи националната гордост како инструмент за консолидирање на внатрешната поддршка.
Иако сите тврдат дека победиле, реалноста е поинаква. Иран не капитулираше. Нуклеарните постројки беа оштетени, но не и уништени. Дипломатијата е заменета со бомби, но ефектот од бомбите е привремен, додека последиците за глобалната безбедност се потенцијално трајни.
Сите три страни можеби освоија некои политички поени, но ниту една од нив не ја доби војната, пренедува Нова.рс.
Првите независни анализи, како и протечените разузнавачки проценки, укажуваат на реалната ситуација по 12 дена конфликт. Иако прекинот на огнот, постигнат со посредство на Трамп, беше официјално прогласен во вторник, тензиите не се намалуваат, а вистинските исходи од воената операција сè уште не се јасни. Нетанјаху прогласи победа веднаш откако Трамп го објави прекинот на огнот, а иранскиот претседател Масуд Пезешкијан објави дека војната е завршена. Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, кој вчера се обрати по седум дена, изјави дека Техеран постигнал победа над Тел Авив по 12-дневен вооружен конфликт, пренесе Танјуг.
Пред да биде прогласено примирјето, Америка го бомбардираше Иран, таргетирајќи три постројки за збогатување ураниум, со што директно се вклучи во конфликтот на страната на Израел.
Според ексклузивни информации објавени од Си-Ен-Ен, првичните проценки на американските разузнавачки агенции сугерираат дека американските воени напади врз три клучни ирански нуклеарни постројки – Фордо, Натанц и Исфахан – ја забавија иранската програма за само неколку месеци, но не ја уништија.