Утринава од ватиканската резиденција во која живееше, телото на папата Франциск, во отворен ковчег, е пренесено во базиликата „Свети Петар“ во голема процесија, во која беа кардиналите кои пееја на латински. Процесијата околу 40 минути поминуваше низ насобраниот народ кој ракоплескаше, додека биеја камбаните на базиликата „Свети Петар“. За да може да го издржи топлото време до погребот, телото на папата е привремено балсамирано, што е вообичаена процедура кога ќе почине папа. Погребот е в сабота, а две до три недели потоа треба да почне конклавата – процес за избор на нов папа
Сите патишта водат кон Рим. Реки луѓе се слеваат кон базиликата „Свети Петар“ каде што е изложен ковчегот со телото на папата Франциск. Верници и негови почитувачи од сите религии доаѓаат да му се поклонат во тишина и да му оддадат последна почит на омилениот папа.
Од ватиканската резиденција во која живееше, телото на папата Франциск во отворен ковчег е пренесено во базиликата „Свети Петар“, во голема процесија, во која беа кардиналите кои пееја на латински. Ковчегот го следеа папските војници познати како Швајцарска гарда. Во куќата „Санта Марта“, каде што живееше и почина папата, претходно се одржа богослужба.
-Драги браќа и сестри, со длабока тага, сега ги придружуваме смртните останки на нашиот папа Франциск во ватиканската базилика. Додека го напуштаме неговиот дом, да му благодариме на Господа за безбројните дарови што му ги подари на христијанскиот народ преку својот слуга, папата Франциск. Да го замолиме, во неговата милост и добрина, да му подари на починатиот папа вечен дом во царството небесно и со небесна надеж да ги утеши папското семејство, црквата во Рим и верниците во светот, рече кардиналот Кевин Фарел, кој ја водеше богослужбата.
Телото беше изложено во 11 часот, а дотогаш огромен број верници веќе беа собрани на плоштадот пред базиликата. Процесијата со отворениот ковчег околу 40 минути поминуваше низ насобраниот народ кој ракоплескаше, додека биеја камбаните. Движењето на ковчегот се прикажуваше на големи видеобимови поставени околу плоштадот.
Телото на папата ќе биде изложено во базиликата три дена, до петок во 19 часот, а в сабота, во 10 часот, е закажан погребот. Веќе е познато дека ќе се испочитува желбата на папата да не биде закопан во Ватикан, туку во папската базилика „Санта Марија Маџоре“ и тоа во обичен дрвен сандак во гроб, во земја без украси, само со натпис Францискус. Повеќе од едно столетие последно почивалиште на папите е крипта под базиликата „Свети Петар“, а последен папа закопан надвор од Ватикан е Лав 13., кој е почива во базиликата „Свети Иван Латерански“. Интересен е и податокот дека во минатото се случувало поглаварите на Римокатоличката црква да бидат балсамирани, а на некои пред погребот им се вадени органите, па во црквата во близина на фонтаната „Ди Треви“ во Рим во мермерни урни се чуваат срцата на повеќе од 20 папи.
И телото на папата Франциск, кој почина во понеделникот е балсамирано, но само привремено, за да го издржи топлото време во Рим. Како што пишува „Франс прес“, балсамирањето на телото, како и на претходните починати папи, е направено за да се забави природниот процес на распаѓање. Применетиот процес на балсамирање е познат како танатопраксија, рече Андреа Фантоци, основач на италијанскиот Национален институт за танатопраксија (ИНИТ).
-Тоа вклучува вбризгување на заштитни течности преку системот за циркулација и естетска нега на лицето и рацете, изјави тој за агенцијата Франс прес.
Објасни дека таквата процедура со хемиска течност мора да се изврши во рок од 36 часа по смртта. Резултатот е помирен и поприроден изглед на покојникот, што обично трае до 10 дена. Стручњаците на ИНИТ таква интервеници имале и на други познати личности, како на пример на папата Јован Павле Втори и на оперскиот великан Лучијано Павароти.
Обично во ковчегот на папата се ставаат парички исковани во негово време и метална цевка во која има свиткан лист хартија на кој е испишан живот на папата – рогито. Се верува дека папата Франциск ќе биде погребан со рогитото што сам си го напишал.
Две до три недели по погребот треба да почне процесот за избор на нов папа, познат како конклава. Во јавноста веќе се шпекулира со имињата на кардиналите можни наследници на Франциск. Медиумите направија список од 16 кардинали, меѓу кои и од Азија и Африка. Медиумите, исто така, со низа текстови му оддаваат почит на папата Франциск. Го нарекуваат народен папа, реформатор и добар човек, папа на отфрлените, апостол на мирот, папа што ја разбранува црквата, сакајќи да им даде глас на исклучените…