Претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, пристигнаа утрово во египетското одморалиште Шарм ел Шеик за да се приклучат на преговорите за договор за ослободување на преостанатите заложници што ги држи Хамас и за прекин на војната во Газа, објавува Аксиос.
Тимот на американскиот претседател инсистира Израел и Хамас да постигнат договор во рок од неколку дена. Пред патувањето во Египет, Трамп се сретна со својот тим за национална безбедност во Белата куќа, каде што разговараше за напредокот на преговорите, велејќи дека „постојат добри шанси“ за успех.
Индиректните преговори меѓу израелските и палестинските претставници започнаа на почетокот на неделата и, според американски извори, покажаа „одреден напредок“, но клучен пробив се очекува дури по пристигнувањето на претставниците на Трамп.
Во разговорите учествуваат и катарскиот премиер Мохамед бин Абдул Рахман ал-Тани, како и раководителите на египетските и турските разузнавачки служби. Израелската делегација ја предводи советникот на Нетанјаху, Рон Дермер.
Високи американски претставници изразија „претпазлив оптимизам“, велејќи дека Кушнер и Виткоф нема да го напуштат Египет додека не се постигне договор за ослободување на заложниците и прекин на конфликтот.
Катар бара цврсти меѓународни гаранции дека Израел нема да ја продолжи војната по договорот за прекин на огнот, додека Трамп рече дека „сега постои можност што не смее да се пропушти“.