„Сите најубави нешта“ е монодрамата во режија на Дејан Пројковски и во изведба на Игор Ангелов, која синоќа беше одиграна во автентичниот простор на „Форт кафе“ во Охрид, а во рамките на 65. „Охридско лето“.
Монодрамата е приказна за тоа како е да се биде дете на родител кој поминува низ тешки животни моменти и колку сме потребни за оние што ги сакаме, за менталното здравје, за децата соочени со тешките животни моменти низ кои минуваат родителите, за механизмите на справување кои ги развиваме низ животот и за случките кои оставаат белези на растењето и на животот. Оваа монодрама потенцира колку е важна надежта и колку најмалите нешта на животниот список се причина за радување. Низ музиката, како емотивен музички џубокс, ликот нè води во разни ситуации обидувајќи се да ја спаси мајка си, но и да ја врати надежта во нејзиниот живот.
„Ако му се насмееш на светот и тој тебе ќе ти врати со насмевка“, вели Ангелов.
Публиката, преку задачи, беше активно вклучена во самата изведба. Повеќето збунети, но и поттикнати да размислуваат за среќата, низ смеа, но и солзи доживеаја посебно интимно театарско искуство.
Ангелов преку директната комуникација успеа да ја разнежни, да ја насмее, но истовремено и да ја замисли публиката за најубавите нешта во животот.
„Прекрасен амбиент, на многу интересно место, на несекојдневно место ја играм претставата, а што се однесува до реакциите, секаде се исти без разлика дали ја играм во театар или надвор. Претставата ги допира луѓето. Пораката, пред сè, е дека треба да се разговара, особено за работите за кои ни е најтешко да зборуваме“, вели Ангелов.
Претставата е работена според мотиви на Данкан Мекмилан, а е во продукција на ОХО и со неа почна драмската програма на фестивалот.