Голема прес-конференција во Скопје!
Дефинитивно „Владимирово 2026“ ќе се одржи на 14 мај 2026 година, на ден Спасовден, датум што официјално влегува во музичкиот и во верскиот календар на секој Македонец. Концептот на фестивалот е сè да оди во живо. Па кој знае да пее, ќе си пее, а на оние што навистина ги бидува за пеење, гарантирано им е местото на сцената на „Владимирово“
– Сè започна некако наивно, неочекувано, од еден обичен муабет со моите Камелија и Марина, а не бевме ни малку свесни дека создаваме голем музички фестивал, кој презентира голема љубов кон македонската песна. Фестивалот уште со првото издание ја смени културно-музичката слика не само на цела Малешевија туку, би кажал, и на цела Македонија – истакна познатиот македонски музичар маестро Горан Алачки на завчерашната голема прес-конференција по повод наредното издание на фестивалот „Владимирово 2026“.
Откако се одржа првиот фестивал, на кој настапија најголемите македонски пејачки ѕвезди и кој исфрли многу хитови, работите тргнаа по нагорна патека. И прес-конференцијата, работната средба со новинарите, медиумите, е дел од фестивалската програма. Во убавиот амбиент на хотелот „Панорамика“, новинарите се собраа не само да се напијат кафе, неизбежна „декорација“ на прес-конференциите, туку и од професионална љубопитност да видат што ново подготвува Горан Алачки за второто издание на „Владимирово 2026“. Во преполнетиот бар, а во организација на Центарот за култура „Горан Алачки“ од Владимирово, пред седмата сила, уметниците и пријателите и соработниците на овој фестивалски проект, прв на присутните, по некоја логика, им се обрати идејниот творец и главна движечка сила на фестивалот –маестро Горан Алачки. Човекот што ја задолжи македонската музика за сите времиња, не само преку својата хармоника туку и преку многуте авторски песни. Кој дава душа за својата Малешевија.





Горан со чувствата зборуваше за реновираната сала во Владимирово, во која се одржува овој новиот македонски фестивал и која го носи името на легендарниот македонски диригент Ванчо Чавдарски, простор што, како што истакна самиот, „го положи испитот за акустика“. Особено е интересно што второто издание на фестивалот „Владимирово“ ќе се одржи на 14 мај 2026 година, на ден Спасовден, датум што официјално влегува (во музичкиот) и во верскиот календар на секој Македонец.
Снимањето на новите фестивалски композиции ќе започне во февруари, а веднаш потоа ќе следува втората прес-конференција на која, како што беше најавено, новинарите први ќе ги преслушаат сите најнови композиции(потенцијални хитови), ексклузивна можност што ретко се среќава или воопшто ја нема на другите фестивали. Како што е ретко да слушаме на тие другите и оркестар во живо, а на „Владимирово“ го има токму тоа. Така што единствено нешто што нема е плеј-бек, кога пејачите отвораат уста „проѕевајќи се“ во микрофонот. Концептот на фестивалот е сè да оди во живо. Па кој знае да пее, ќе си пее, а на оние што навистина ги бидува за пеење, гарантирано им е местото на сцената на „Владимирово 2026“, меѓу кои се и легендарните: Драган Мијалковски, Нино Величковски, Ленче Дедејче, Перо Христов, Благоја Грујовски, Жаки Узунова, Зуица Лазова, Ванчо Тарабунов, Смиља Митревска, Горан Кукиќ, Благица Калева, Наум Петрески….итн…. –

Водителка на фестивалот, и следната година, ќе биде професионалната Ели Танасковска, која, пред присутните, им се заблагодари на сите музичари од оркестарот, на пејачите, но и на колегите новинари, кои ѝ даваат поддршка. Таа му се заблагодари и на режисерот Перо Попов од Македонската телевизија, кој го реализираше директниот ТВ-пренос на првото фестивалско издание. Фестивалот и преку сателитскиот сигнал, како и преку јутјуб-каналот, стигна и до секое македонско семејство во дијаспората, од Австралија до Канада и од Америка до Скандинавија.
(текст и фото: Дуле Миќиќ)
строго забрането е копирање на овие фотографии и објавување на некои други портали












