Недостасува централизирана база на податоци за доделена финансиска поддршка, долгови од 13,9 милиони евра и сомнежи за судир на интереси. Профит остваруваат само мал дел од финансиски поддржаните компании, а нефункционални се и механизмите за поврат на државните средства. Ова се само мал дел од слабостите што државните ревизори ги утврдиле во работењето на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) за 2024 година.
Ревизорите нотирале дека ФИТР има неподмирен долг од 13,9 милиони евра поради недоследно следење на договорите за финансиска поддршка.
– Иако корисниците се обврзани да враќаат дел од профитот, отсуството на централизирана база оневозможува прецизен увид во тоа колку средства треба да се вратат во Буџетот на државата – се вели во извештајот.
Државните ревизори укажуваат дека само три од десет фирми кои што финансиски биле поддржани од Фондот, остваруваат добивка, што укажува на неефикасна селекција на проектите и изразуваат сомнеж во економската одржливост на инвестициите.
– Поради недефинираните критериуми за поврат на средствата, државата не успева да ги поврати вложените пари дури и од успешните компании, што го доведува во прашање целисходното трошење на јавните пари – констатираат ревизорите.
Во извештајот се посочува и на институционални слабости и на сериозни индикации за судир на интереси при доделувањето на грантовите. Ревизорите сметаат дека ФИТР нема воспоставено внатрешни контролни механизми за проверка на поврзаноста меѓу членовите на комисиите и на апликантите.
– Овие системски пропусти во Скопје создаваат простор за фаворизирање на одредени фирми, со што се нарушува принципот на транспарентност и еднаквост при распределбата на државната помош наменета за иновации – се нотира во извештајот.
Ревизорите во ФИТР се потпираат на рачна обработка на податоци, што доведува до грешки и до застарување на побарувањата. Без соодветен мониторинг, институцијата не може да утврди дали средствата се користат за наменски цели или се пренасочуваат, што дополнително го зголемува ризикот од финансиски малверзации и од загуби за државата.
Државните ревизори препорачуваат дека во ФИТР е неопходна потребата од итни реформи и одговорност.
– Неопходно е Владата да воспостави строг надзор над работата на ФИТР за да се спречи понатамошно одлевање на капитал. Доколку не се преземат мерки за присилна наплата на долговите, постои опасност од трајно губење на 13,9 милиони евра, што би претставувало сериозен удар врз државните финансии – заклучуваат ревизорите.
(С. Бл.)












