Сојузот на извидници на Македонија (СИМ), младинска чадор организација основана во 1953 година, и оваа година го минува февруари со низа активности посветени на заедницата, солидарноста и подигнувањето на јавната свест за важни општествени прашања, меѓу кои и системската борба против аерозагадувањето.
Како организација со повеќе од 70 години традиција, СИМ денес ја спроведува својата програма на речиси целата територија на Македонија и е најголемата младинска чадор организација со 20 активни извиднички одреди. Во извидничката програма се вклучени повеќе од 3.000 деца и млади, кои, преку извидничкиот завет и законите, развиваат животни вештини, одговорност и позитивни вредности.
СИМ е дел и од светското извидничко семејство, најголемата младинска и едукативна организација во светот што обединува над 57 милиони млади од повеќе од 180 држави и територии.
Традиционално, по повод 22 Февруари, Денот на извидниците, СИМ го обележува Месецот на добри дела. Преку кампањата „Направи добро дело“, извидниците ги идентификуваат потребите во своите локални заедници и реализираат добротворни акции и иницијативи во текот на целиот месец.
Годинава, секоја недела е посветена на различна тема: добро дело за себе, за другите и заедницата, за животната средина – вклучително и активности насочени кон подигнување на свеста за аерозагадувањето – како и за културата и традицијата. На овој начин, четири недели по ред извидниците ќе бидат активно вклучени во подобрувањето на средината во која живеат.
Во соработка со Црвениот крст, извидничките одреди организираат крводарителски акции низ целата држава, со цел подигање на свеста за значењето на крводарувањето и на солидарноста. Централната крводарителска акција во Скопје ќе се одржи на 20 февруари 2026 година, во младинскиот центар „Матично“, каде што се очекува голем одѕив од извидниците и од граѓаните.
Централното одбележување на Денот на извидниците ќе се одржи на 22 февруари 2026 година во Кичево, каде што ќе се соберат извидници од целата држава на заедничка прослава. Во рамките на настанот ќе се реализираат свечено давање извиднички завет и пригодна културно-забавна програма.
Од Сојузот информираат дека програмскиот тим активно работи на мобилизирање на медиумската поддршка за соодветно претставување на активностите и значењето на Денот на извидниците. Со своите активности, извидниците и оваа година испраќаат порака дека грижата за заедницата, животната средина и солидарноста се темели на кои се гради подобро и поздраво општество.












